Република Северна Македонија одбележува 35 години од референдумот за независност
Република Северна Македонија денеска одбележува 35 години од референдумот за независност од 8 септември 1991 година. На референдумот граѓаните одговараа на прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“
Според официјалните резултати, 95,09 проценти од граѓаните кои излегле на гласање се изјасниле позитивно, што претставувало 72,16 проценти од вкупниот број граѓани со право на глас.
Референдумот за независност е во голема мера бојкотиран од етничките Албанци во Република Македонија. Тогашните албански политички претставници бараа во идната независна држава Албанците да добијат рамноправен статус како конститутивен народ. Иако официјалните резултати не содржат податоци за излезноста според етничката припадност, повеќе меѓународни извори наведуваат дека етничките Албанци во голема мера не излегле да гласаат на референдумот. Подоцна, пратениците Албанци не го поддржаа ниту Уставот усвоен во ноември 1991 година, оценувајќи дека тој не им обезбедува рамноправен конститутивен статус.
На референдумот му претходеа првите повеќепартиски избори во 1990 година и усвојувањето на Декларацијата за сувереност на 25 јануари 1991 година.
На 17 септември 1991 година Собранието усвои Декларација со која беа потврдени резултатите од референдумот и волјата за конституирање на Република Македонија како суверена и независна држава. На 17 ноември истата година е усвоен и уставот на земјата.
По осамостојувањето започнал процесот на меѓународно признавање на новата држава. Бугарија е првата држава што ја призна независноста на Република Македонија, на 15 јануари 1992 година. Одлуката е соопштена во бугарското Народно собрание од тогашниот премиер Филип Димитров.
Меѓу првите држави што потоа ја признаа Република Македонија беше и Турција, која донесе одлука за признавање на 6 февруари 1992 година. На 12 февруари следуваа меѓусебните признавања со Словенија и Хрватска. Во текот на 1992 година независноста ја признаа и Литванија, Филипините и Руската Федерација, меѓу други држави.
На 8 април 1993 година Република Македонија беше примена во Обединетите нации под привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“, со што нејзиниот меѓународно-правен субјективитет доби дополнителна потврда.
По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018 година, уставното име на државата беше променето во Република Северна Македонија. Земјата стана членка на НАТО во март 2020 година, а процесот на нејзина интеграција во Европската Унија се наоѓа во застој поради неисполнувањето на условот за старт на суштинските преговори, а имено внесувањето на Бугарите во Уставот на земјата, како државотворен народ.

