РКЕ и ДПИ со заедничка „брза лента“ за инспекциски надзори во енергетиката
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува механизам за приоритетно постапување по предмети од областа на енергетиката.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, посочи дека соработката има за цел не само да ги заштити потрошувачите, туку и да делува корективно кон носителите на лиценци. „Секој пат кога имаме индиции за атипично однесување на компаниите, алармираме до ДПИ да излезе на терен и да ја утврди состојбата. Од друга страна, ние поведуваме постапки врз основа на нивните наоди,“ истакна Бислимоски.
Тој потсети дека неодамна РКЕ отпочна постапка за одземање лиценца на една нафтена компанија, по констатација од ДПИ дека не се исполнети минимално-техничките услови за работа. Во моментов, додава Бислимоски, тече процесот на продолжување на лиценците на најголемите нафтени компании по 20 години, што бара заеднички активности за проверка на фактичката состојба на терен.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, најави зголемени контроли во следниот период. „Во изминатите осум месеци извршивме над 80 надзори во трговијата на мало и големо со нафтени деривати и земавме над 150 примероци за лабораториска анализа. Издадени се и 16 решенија за привремена забрана за работа поради неверифицирани мерила,“ рече Стојкоски.
Тој додаде дека во соработка со РКЕ ќе се зголеми надзорот над трговците на големо со нафтени деривати и енергенси, особено во делот на исполнување на условите за работа, задолжителните резерви и трговијата преку складишта. „Ќе продолжиме со строги контроли и санкции за несовесните трговци,“ потенцира Стојкоски.
