| |

Родителите на децата загинати во дискотеката Пулс: Изнудена комеморација, срамота, ни имињата на децата не им ги спомнаа

Ова е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година, комеморација со две страници читање на напишан текст, не знам, катастрофа, многу големо разочарување – рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова, пишува Слободен печат.

Пратениците не им оддадоа почит на нашите деца, ниту имињата не им ги споменаа, ова е само уште еден удар и рана за нас родителите, срамота. Ова се коментарите на родителите на загинатите деца од трагедијата во дискотетката „Пулс“ во Кочани по комеморативната седница на Собранието. Во пожарот во „Пулс“ на 16 март лани, животот го загубија 63 млади.

-Денеска сме собрани овде, повикани од Владата за комеморација на нашите деца после една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде ќе им оддадат почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање и ајде чао пријатно, толку беше. Ова е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година комеморација со две страници читање на напишан текст, не знам, катастрофа, многу големо разочарување – рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.

Таткото на Надица, Александар, видно разочаран и револтиран од комеморативната седница во Собранието рече дека очекувале барем имињата на нивните деца да бидат кажани.

-Очекувавме за секое дете да има барем по две минути да одвоеjа бидејќи на сите институции им беше пренесено. Но, за жал ниедно дете не беше удостоено со име и презиме споменато, само правдање за Собранието и за одморот од две недели што си го зедоа по трагедијата. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во „Пулс“ не е само семејна болка туку и институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот на Собранието, Гаши – рече Александар Наунов. Тој додаде дека комеморативната седница била последна надеж за нив и дека сега ја изгубиле и неа.

– Ние родителите ќе си патиме и ќе ја бараме вистинската правда и се надеваме дека ќе ја добиеме. Комеморацијата беше изнудена, под притисок на нас родителите, ако ние не притискавме немаше да се случи – рече Наунов.

Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов рече дека е срамота после една година да закажат комеморација.

-Не знам, ова го нема ни во Авганистан ни во Пакистан. Уште и ни напаѓаат, ни гледаат како противници, како да сме ѓаволи, тие одат си контра нас, како ние да сме биле виновни, како ние да сме ги пуштиле децата да загинат. Дури ни изјавуваат zошто сме ги испратиле децата во диското, срамота. Барем малку да имаа доблест и чест кон децата, но како што гледате, кучињата си лаат, караванот си врви. Ние ќе си плачеме на нашите гробови, а тие ќе се полнат со пари. Јас како татко на моето дете 60 години работам за да му изградам куќа и сега кому ќе остане таа куќа, а тие (пратениците н.з.) за четири години ќе се нафатираат со пари и ќе остварат профит и оставаат пари за поколенија. Срамота и греота за нашите деца. Ова не е судбина, туку убиство од небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца сега ќе шетаа, ќе пиеја кафе, но за жал во таква држава сме се родиле – рече Стојанов.



Слични Објави