Рот со порака од официјално Скопје – „Се надевам ќе се создадат предуслови за уставни промени“
Претседателот Стево Пендаровски на средба го прими Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг. Тие оценија дека отворањето на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија е од фундаментално значење во актуелните геополитички околности и во справувањето со последиците од руската агресија во Украина.
Рот рече дека политичките лидери треба да бидат посветени на уставните измени, со кои Бугарите, заедно со Црногорците и Хрватите, ќе бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија.
– Се надевам дека сега во Собранието на Северна Македонија ќе се создадат предуслови за да може да продолжи посветеноста кон пристапните преговори. Знам дека на многумина не им е лесно кога се во прашање овие уставни измени, но секој треба да го постави прашањето: Не како можам да и помогнам на мојата партија, туку како да помогнам и да придонесам за мојата земја, рече Мајкл Рот, претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот.
Кабинетот на шефот на државата соопшти дека Пендаровски и Рот размениле мислења и информации за намерата на Германија да го заживее Берлинскиот процес во втората половина на 2022 година. Претседателот Пендаровски во овој случај истакна дека Берлинскиот процес не треба да се третира како замена за ЕУ и процесот за членство и додаде дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија.
Со Рот се сретна и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој го информираше соговорникот за придонесот и обврските на земјата кон НАТО, за содржината на санкциите на ЕУ против Руската Федерација и за поддршката и помошта дадена за потребите на Украина.
