| |

Румен Радев- заминувањето на пилотот!

Владимир Перев


1. 
Повеќе од 1300 години живее бугарското племе на Балканот, распослано меѓу Дунав и Белото море, како и меѓу Охрид и Црно море. Живее со променлива политичка судбина, носена од ветровите на победите во војните, капитулациите, предавствата на мировните преговори и вечната амбиција за единство. Последниве 150 години, поточно од Сан Стефано наваму, па се до денешни дни, живееме во напорите да ги создадеме и унапредиме државните и државничките институции, некогаш заеднички, но најчесто длабоко поделени. Но никогаш не сме биле толку разделени, за да не се знаеме или да не се познаваме, никогаш толку разделени за да немаме заедничка, колективна меморија за нашето минато. 

2. 
Во војните секогаш сме биле заедно, секогаш под знамето на Бугарија и нејзините владетели. Во обединителната 1885 година, македонските бугари, цветот на македонската интелигенција од гимназијата во Пловдив, се борат рамо до рамо со своите сонародници од Тракија и Мизија, под командата на кнез Александар Батенберг. Дел од тие македонски борци се основачите на ТМОРО, а подоцна некои се бугарски политичари, министри и премиер. Потоа, во периодот на револуционерната борба, под знамето на Бугарија и грбот на Кобурзите, се боревме во битките за слобода и обединување. Македонските револуционери во секој момент ја имале поддршката на цар Фердинанд Први, поддршка морална, материјална, во оружје и жива сила. Сите раководители на ТМОРО/ВМОРО имале контакти со Дворецот, биле примани и прифатени…сите освен царскиот јункер Гоце Делчев. Во своите спомени, војводата Крсто Гермов Шакир ќе напише: сите одевме во Дворецот, кој на главна врата, кој на задна врата, а некои дури низ прозорците или оџакот…само Гоце не отиде. Зошто, за тоа историјата ќе даде одговор. Потоа доаѓа Првата светска војна и националната катастрофа, за новиот император Борис Трети ја започне својата нејасна и колеблива политика во однос на македонското револуционерно движење и поривот за слобода на македонските бугари. Тоа резултира со Мајскиот преврат во 1934 година, растурањето на ВМРО на Ванчо Михајлов и упадокот на бугарското Трето царство. Втората светска војна е само прелудиум кон пропаста, за конечниот крај дојде со советската окупација на Бугарија во 1944 година. Тоа е и формализирање на нашите поделби. 

3. 
Прикаските кои татко ми кажуваше за неговите повремени средби со цар Фердинад, кога тој доаѓал да ги посети питомците на Военото училиште, треба да се гледаат како сентимент или урбана приказна за добро расположение. Но точно е дека имал и официјална средба на манастирот “Св. Иван Рилски“ во 1915 година, во навечерието на Првата светска војна, кога бил промовиран во потпоручник на бугарската армија. Потоа има огромна пауза, молк за било какви конаткти со бугарски “државен глава-императорот“. Но, во периодот од Втората светска војна, низа документите објавени од Дравните Архиви на Бугарија (Цочо Билјарски и Ива Бурилкова), може да му се сретне името во некакви делегации до цар Борис Трети, во барање на “правата на македонските бугари“ пред врховниот владетел. Резултатите не се познати, веројатно никакви. 

4. 
По Втората светска војна и новата комунистичка власт во Бугарија, исто како и во Македонија, името на македонските бугари и нивните права е обвиено со некакво проклетство на заборавот и игнорацијата…дури и повеќе, тоа е предмет на прогонство од безбедносните служби на двете држави. Џабе се полтронските изјави на Тодор Живков пред југословенските политичари Крсте Црвенковски и Добривоје Видиќ дека половината од ЦК на БКП се македонци, кога во реалниот живот никој не се залага за правата на македонските бугари во Југославија/Македонија. Тие се изложени на прогон и стигма, појави кои се присутни до денешен ден. 

Потоа со времето на промените по 1989 година, бугарските претседатели почнаа да идат во Македонија. Жељу Желев да ја промовира книгата “Фашизмот“, а Петар Стојанов да ја направи својата прекрасна “романтична“ посета низ Македонија. Всушност, Стојанов ја подотвори вратата на емоциите, за да се согледа понорот на взаемните омрази, всадени од окупаторите на Македонија и Бугарија. 

5. 
Румен Радев е историска личност. Тој прв прими организирана делегација од македонските бугари за да ги сослуша нивните барања за човекови права и да вети политичка поддршка и помош. Тој е првиот државник на Бугарија после цар Борис Трети кој прими организирана посета на поединци и организации од Македонија и првиот кој ги исполни своите ветувања, барем во доменот на неговите можности и реалната кондиција на бугарското општество по однос на Македонија. Просто е неверојатно како еден човек без корени од Македонија, офицер-пилот по бразование, за кого повеќето од нас мислеа дека е со скромни историски знаења и без волја за ангажман на полето за човековите права на македонските бугари, успеа да ја надмине полувековната летаргија на бугарското општество. Да, навистина, Македонија беше и остана вечниот лајтмотив во бугарската историја, поезија, драматургија, музика и култура, но Радев беше првиот, највисок државник во земјата по фаталната 1934 година, со јасна политичка поддршка на македонските бугари. Тоа не треба да се заборави. 

6. 
Заминувањето на “пилотот“ Радев од претседателската функција и неговото вклучување во активен политички живот, ќе биде негов нов предизвик, на полето полно со неизвесности. За неговите натамошни успеси или неуспеси, оценка ќе даде електоратот, а времето и историјата ќе ја одбележат неговата политичка позитива или негатива. 

Македонските бугари ќе му бидат секогаш признателни и благодарни за неговиот ангажман во праведната борба за човековите права и историската вистина. 

Среќен полет, пилоту! 

Слични Објави