По 30 години се отвора ГП „Рудозем – Ксанти“ на бугарско-грчката граница
Министрите за транспорт и за надворешни работи на Бугарија, Гроздан Караџов и Георг Георгиев, денеска ќе го посетат граничниот премин „Рудозем – Ксанти“ на покана од грчкиот министер за транспорт Христос Димас и регионалниот управител на Источна Македонија и Тракија, Христодулос Топсидис, јавува БГНЕС.
Грчката страна ја пушта во употреба последната делница од патот од Димарио до бугарската граница, со што се обезбедува потребната транспортна поврзаност меѓу двата региони. Проектот се реализира три децении по првата копка, откако поврзувањето на Родопите со Егејското Море беше договорено со меѓудржавна спогодба во декември 1995 година, а изградбата започна во 1997 година и потоа беше замрзната повеќе од 30 години.
Градежните работи беа обновени во јануари 2020 година. По инвестиции од 17 милиони лева, бугарскиот дел од пунктот беше завршен во 2023 година. Од грчка страна, проектот се одложуваше поради жалби, свлечишта и пропуштени рокови, а делницата од Димарио до границата беше финализирана кон крајот на 2025 година.
Градоначалникот на Рудозем, Недко Кулевски, изјави дека обиколницата околу градот сè уште не е завршена, но постои обврска таа да биде готова до крајот на април. До тогаш сообраќајот ќе минува низ центарот на градот, без очекувања за значителни тешкотии.
На настанот ќе учествуваат и генералниот секретар за инфраструктура на Грција, Димитрис Анагнополус, регионалниот управител на Смолјан Захари Сираков и градоначалници од областа.
Официјалните лица ќе разговараат за подобрување на транспортната поврзаност меѓу Бугарија и Грција, како и за плановите за користење и функционирање на граничниот премин.
