Русија претставува директна закана, предупреди шефот на германската разузнавачка служба BND
Русија претставува директна закана за Европа, а „ледениот мир“ меѓу Москва и Европската унија може во секој момент да прерасне во „жешка конфронтација“. Ова го изјави директорот на германската Федерална разузнавачка служба (BND), Мартин Јегер, во обраќање пред пратениците во Бундестагот, јавува БНР.
Јегер, кој минатиот месец ја презеде функцијата шеф на разузнавањето и претходно беше германски амбасадор во Киев, предупреди дека Москва има за цел да ја прошири својата сфера на влијание длабоко на запад во Европа. Според него, Русија не би се двоумела да влезе во директен воен судир со НАТО, доколку смета дека тоа е неопходно — сценарио кое би можело да стане реалност најрано во 2029 година.
Шефот на BND нагласи дека Германија е цел број еден за Русија во Европа, поради тоа што е најголемата економија на континентот и има водечка улога во поддршката на Украина.
Како главни инструменти на руското влијание, Јегер ги наведе манипулирањето на избори, пропагандата, провокациите, дезинформациите, саботажите и нарачаните убиства.
Изјавата на Јегер доаѓа во момент на зголемени тензии меѓу Русија и Западот, како и растечки стравови во европските престолнини од хибридни и воени закани насочени кон државите на континентот.
