Руте ја увери Бугарија во подготвеноста на НАТО да ја зајакне одбраната по нападите врз бродови во Црното Море
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе продолжи да ја следи безбедносната состојба во Црното Море и по потреба ќе ги приспособува одбранбените мерки по нападите врз трговски бродови крај Бугарија.
„Разговарав со бугарскиот премиер Румен Радев за последните напади врз трговски бродови во Црното Море. НАТО ќе продолжи тесно да соработува со своите сојузници во регионот. Веќе го зајакнавме нашето присуство на источното крило и ќе продолжиме да ја следиме безбедносната состојба, а по потреба ќе ги приспособуваме мерките за одвраќање и одбрана“, напиша Руте на социјалната мрежа Икс, пренесува БГНЕС.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така ги осуди нападите со дронови врз трговски бродови крај бугарското крајбрежје и изјави дека одговорните за нив треба да ги сносат последиците.
„Црното Море се претвори во уште еден фронт на ескалација на руската војна во Украина. Ова е неприфатливо“, напиша Фон дер Лајен на Икс.
„Категорично ги осудувам нападите со дронови врз трговски бродови крај бугарскиот брег. Тие ги изложуваат животите на членовите на екипажите на сериозна опасност и ја загрозуваат безбедноста во Црното Море“, нагласи таа.
Претседателката на ЕК изјави дека Европската Унија ја поддржува Бугарија и им се заблагодари на спасувачките екипи за брзата реакција.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја обвини Русија дека намерно ги занемарува човечките животи и безбедноста на пловидбата во Црното Море по нападите во кои беа повредени украински и азербејџански државјани.
„Ги повикуваме нашите партнери да го зголемат притисокот врз Русија, да ги заострат санкциите и да преземат решителни мерки за да ја повикаат на одговорност и да ја заштитат слободата на пловидбата“, напиша Сибиха на Икс.
Според него, Црното Море е од витално значење за светската безбедност во снабдувањето со храна, а Русија се обидува да го користи гладот како оружје и да го држи светот во зависност.
„На ова мора решително да му се спротивставиме“, нагласи украинскиот министер за надворешни работи.
Два трговски брода беа погодени во одделни инциденти во Црното Море во текот на ноќта.
При нападот врз малтешкиот товарен брод „Челси 3“, на околу 18 наутички милји источно од Бјала, повредени се шестмина морнари. Сите 15 членови на екипажот, меѓу кои седум украински и осум азербејџански државјани, се евакуирани. Петмина се пренесени во болницата „Св. Ана“ во Варна, а шестиот во Военомедицинската академија. Бродот останал на површината.
Во одделниот инцидент, на околу 17 наутички милји источно од Крапец, потонал друг пловен објект. Според досега достапните информации, спасени се најмалку четири лица, но податоците за екипажот остануваат нецелосни.
Бугарските власти ги координираат спасувачките активности и ги утврдуваат околностите на двата инцидента. Премиерот Румен Радев најави дека ќе ја повика руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на разговор и ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека засега нема доволно цврсти докази за потеклото на дроновите што би овозможиле одговорноста да ѝ се припише на конкретна држава.
