САД: Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО
Новoименуваниот амбасадор на САД во Обединетите нации, Мајк Волц, изјави дека Вашингтон ќе ја брани „секоја педа од територијата на НАТО“, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
Изјавата беше дадена за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, свикана поради влегувањето на руски борбени авиони во воздушниот простор на Естонија.
Според информациите, три руски МиГ-31 на 19 септември го прекршиле естонскиот воздушен простор во траење од околу 12 минути. Инцидентот предизвика остри реакции во Талин, кој го нарече „опасна провокација“. Москва, пак, ги отфрли обвинувањата.
Естонија, како членка на НАТО, побара итна седница на Советот за безбедност „во одговор на срамното прекршување на воздушниот простор“ и започна консултации со другите сојузници.
„Како што кажавме пред девет дена, САД стојат рамо до рамо со нашите сојузници во НАТО пред овие прекршувања. Сакам да ја искористам оваа прва прилика да нагласам дека САД и нашите партнери ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО,“ изјави Волц.
Инцидентот дојде само неколку недели по тврдењата на Полска дека руски дронови повеќепати го прекршиле нејзиниот воздушен простор за време на напади врз Украина. Варшава го оцени тоа како „акт на агресија“.
Американскиот претседател Доналд Трамп исто така го осуди нарушувањето и вети поддршка за Полска и балтичките држави во случај на нова ескалација од страна на Русија.
„Да, би го направил тоа,“ одговори Трамп на прашање дали САД би помогнале во заштитата на европските држави од евентуална поголема руска агресија.
Трамп претходно изјави дека е „разочаран“ од одлуката на Владимир Путин да ја продолжи војната во Украина, која влезе во четвртата година, додавајќи дека САД вложиле „огромен напор“ за постигнување мир.
Западните држави предупредија дека Русија „си игра со оган“ со постојаните нарушувања на воздушниот простор на НАТО, чиј основен принцип е меѓусебната одбрана.
Во инцидентот над Естонија, италијански борбени авиони F-35, заедно со шведски и фински летала, биле подигнати за пресретнување и предупредување на руските авиони да се повлечат.
