Санкциите на САД против српската нафтена индустрија стапија во сила
Санкциите на САД против Нафтената индустрија на Србија (NIS), која ја управува единствената рафинерија во земјата, официјално стапија во сила по неколкумесечно одложување, јавува БГНЕС.
Вашингтон ги воведе мерките против NIS уште во јануари, како дел од санкциите кон руската енергетика со цел да се ограничи влијанието на Москва по инвазијата врз Украина во 2022 година.
По истекот на рокот за продолжување на специјалната дозвола – во 6 часот наутро на 9 октомври – компанијата соопшти дека „сè уште нема добиено продолжување на лиценцата од Министерството за финансии на САД“.
„NIS работи на надминување на оваа ситуација“ – соопшти компанијата, додавајќи дека ќе соработува со американските власти со цел да биде отстранета од списокот на санкционирани субјекти.
И покрај санкциите, NIS уверува дека моментално располага со доволни резерви на сурова нафта и дека бензинските пумпи се целосно снабдени со сите видови нафтени деривати, јави АФП.
Претседателот Александар Вучиќ на 6 октомври предупреди дека санкциите ќе имаат сериозно влијание врз економијата, најмногу врз банкарскиот сектор.
„Нема банка во светот што би ризикувала да ги прекрши санкциите на САД“, изјави Вучиќ. NIS потврди дека очекува странските платежни картички да престанат да функционираат, а пумпите ќе прифаќаат само српски картички или готовина.
Вучиќ додаде дека се водат разговори за иднината на компанијата, вклучително и можноста за повлекување на руските акционери.
Со оглед дека NIS обезбедува повеќе од 80% од дизелот и бензинот во Србија, економистот Горан Радосављевиќ предупреди дека последиците би можеле да бидат далекусежни – од финансискиот сектор до земјоделството и дури до снабдувањето со авио-гориво за Air Serbia.
„Банките ќе мора веднаш да ги прекинат сите трансакции со NIS за да избегнат санкции“, истакна Радосављевиќ, додавајќи дека целосно повлекување на рускиот холдинг е малку веројатно.
„Русија не сака да ги продаде своите акции – иако NIS е само мал дел од приходите на Газпром, неговото политичко значење е огромно“, нагласи тој.
И покрај западниот притисок, Србија останува блиска сојузничка на Москва и одбива да воведе санкции против Русија, иако формално се стреми кон членство во Европската унија.
Земјата е силно зависна од рускиот гас, а договорот за испорака потпишан во 2022 година наскоро истекува, при што се водат преговори за нова спогодба.
Во сопственичката структура на NIS, 45% од акциите се во рацете на руската компанија Газпром Њефт, српската држава поседува околу 30%, а остатокот е кај миноритарни акционери.
