СДСМ: Насилнички чин во Градско – искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ
СДСМ соопшти дека кампањата и изборниот процес секојдневно се нарушуваат со инциденти, провокации и злоупотреби на институциите, кои, според партијата, наместо да работат за граѓаните, се ставени во функција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата информираат дека синоќа бил искршен изборниот штаб на СДСМ во општина Градско. „Овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско“, се наведува во соопштението.
СДСМ обвинува дека, бидејќи нема што да им понуди на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ прибегнува кон „валкани методи и кршење на демократските стандарди“.
„СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти,“ се наведува во реакцијата.
Од партијата бараат Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски „да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви“.
„МВР треба да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат,“ стои во соопштението на СДСМ.
Партијата нагласува дека ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата, затоа што, како што велат, „оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија“.
„Од народната волја бегање нема, а изборен пораз не се брани со камења – тоа досега требаше да го научите,“ порачуваат од СДСМ.

