СДСМ: ПРОДОЛЖУВА ГРИЖАТА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ, НОВИ ПРОГРАМИ И ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА ЗА КОНКУРЕНТНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ПРОИЗВОДСТВО

Владата предводена од СДСМ останува посветена на мерките што обезбедуваат повеќе пари кај земјоделците и развој и унапредување на земјоделството.

Се надминува долгогодишен проблем со неплатеното грозје на лозарите од Тиквешкиот регион. Државата обезбеди 1.5 милиони евра за исплата на долгот на приватните винарници кон лозарите за предадениот род во периодот 2014 – 2016 година.

За првпат се воведува мерката „Зелена нафта“ односно кофинансирање на трошоците од 30 отсто за набавка на нафта за земјоделска механизација. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, а за нејзина реализација обезбедени се 200 милиони денари.

Се зголемува поддршката за малите земјоделски стопанства под 1 хектар. Субвенциите за земјоделците кои имаат до 0,5 хектари земја изнесуваат 6.000 денари по хектар, односно 12.000 денари за оние што имаат од 0,5 до 1 хектар земја. Мерката опфаќа 13.000 земјоделци, а преку неа се враќаат 130 милиони денари кај земјоделците.

Се зголемуваат и субвенциите за јаболкопроизводителите од 33.000 на 41.000 денари по хектар, а значително поголеми субвенции ќе добијат и производителите на ориз. Финанската поддршка за оризопроизводителите ќе се зголеми од 12.000 на 25.000 денари по хектар со користен сертифициран семенски материјал, односно од 6.000 на 18.000 денари по хектар без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал.

Обебзедено е значително зголемување на субвенциите и за сточарите, поледелците и градинарите.

Владата предводена од СДСМ останува посветена на реализација на мерките што обезбедуваат развој на земјоделството, зголемена конкурентност, сигурен пласман и квалитетно производство, се вели во соопштението на политичката партија СДСМ.