Се менуваат протоколи за кога ќе има дојава за бомба, МВР да провери – наставата да продолжи
Се менуваат протоколи за кога ќе има дојава за бомба, тимовите на МВР да бидат сигурни дека е лажна, а наставата да продолжи. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, кој за попладнево најави нов состанок со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование
„Не сме ја загубиле сајбер-војната и нема да ја загубиме. Ова се случува во голем број држави членки на НАТО. Веќе МВР менува одредени протоколи, кои проверуваат. Имаме денеска состанок со раководството на МВР и Министерството за образование за носење дополнителни мерки, со цел да овозможиме редовна и непречена настава“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека е родител, што значело дека ги разбира и другите родители.
„Обврска на МВР е да ја обезбеди безбедноста на граѓаните. Во согласност со протоколите за борба против тероризам, тие мора да спроведуваат процедури што се пропишани во согласност со законот, како во сите држави. Заради спречување напуштање на училиштата, секојдневно се работи за да се најде начин каде ќе се обезбеди сигурност дека дојавите за бомби се лажна, а да продолжи наставата“, рече Ковачевски.