|

Северна Македонија останува дневна дестинација поради слаба инфраструктура и недостаток на инвестиции

Туризмот во Република Северна Македонија се соочува со сериозни проблеми – очајна инфраструктура, пад на квалитетот на услугите и недостиг на нови сместувачки капацитети, предупредува туристичкиот експерт и универзитетски професор Љупчо Јаневски во интервју за Локално. Според него, токму овие слабости ја прават Северна Македонија сè повеќе дневна дестинација за туристи кои летуваат во Албанија и Грција, наместо земја што привлекува гости што можат да потрошат повеќе.

Иако туристичкиот сектор забележа раст – од само 0,2% удел во БДП во минатото до 4% во 2023 година и туристички промет од 598,5 милиони долари – резултатите не се доволни за долгорочен развој. „Туристите доаѓаат на кружни патувања со просечен престој од 1,6 денови и трошат многу малку,“ вели Јаневски.

Тој алармира дека зависноста од ограничен број пазари е крајно ризична. Во јули 2025 година, од вкупните 121.486 странски туристи, дури 55.149 биле од една дестинација, од кои 85% дошле на кружни тури.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на соби во категоризираните објекти од 2019 до 2024 година е намален за 5%, а бројот на легла за 7%. „Ова покажува недостиг на инвестиции и стареење на дестинацијата, како и неуспех да се привлечат светски брендови и хотели со пет ѕвезди,“ додава Јаневски.

Експертот смета дека решението е насочување кон одржлив туризам, преку развој на рурални средини, вински тури, верски и еко-туризам, како и ено-гастро концепти. „Македонија е земја за четири сезони, но без јасна стратегија и професионален пристап, ќе останеме само транзитна и дневна дестинација,“ предупредува тој.

За главниот град Скопје, Јаневски истакнува дека нема визија за туристички развој, а странските посетители најчесто нотираат загадување, лош јавен превоз, скапи такси-услуги и недостаток на туристичка промоција. „Скопје заслужува многу повеќе, но очигледно уште долго ќе чекаме сериозна стратегија,“ заклучува Јаневски.

Слични Објави