Бугарија го зголеми нето-извозот на електрична енергија за 62%
Нето-извозот на електрична енергија од Бугарија достигнал 3,5 терават-часови (TWh) од почетокот на годината до почетокот на октомври, што е раст од 62% во споредба со истиот период лани, објави bTV. Главниот придонес за зголеменото производство доаѓа од обновливите извори на енергија, поддржани од системите за складирање.
Според податоците на бугарскиот Електроенергетски системски оператор (ЕСО), производството на електрична енергија пораснало за 12,24%, а потрошувачката за 8,45%. Обновливите извори произвеле 11,5 TWh, речиси 34% повеќе од лани, со што обезбедиле близу 80% од вкупниот раст на производството.
Од почетокот на годината до 4 октомври, батериите испорачале во електроенергетскиот систем 1.720 гигават-часови (GWh), наспроти 190 GWh во истиот период минатата година. Тоа е повеќе од деветкратно зголемување. Системите овозможуваат енергијата произведена во текот на денот да се складира и да се користи во часовите со поголема побарувачка и повисоки цени.
„Бугарија произведува и складира сè повеќе сопствена електрична енергија. Тоа значи поконкурентни цени за домаќинствата и деловниот сектор, поголема енергетска сигурност и посилни позиции на регионалниот енергетски пазар“, оцени Никола Газдов, претседател на АПСТЕ.
Од 2020 година, фотоволтаичните капацитети во земјата пораснале за околу 600%, на близу 7 гигавати (GW). Системите за складирање се приближуваат до моќност од 6 GW и капацитет од 17 GWh. Според процените на АПСТЕ, инвестициите во фотоволтаици, батерии и придружна инфраструктура во овој период достигнале околу седум милијарди евра.
Здружението укажува дека е потребно и забрзано развивање на ветерната енергија, која може да го надополни намаленото сончево производство во зимските месеци. Бугарија располага со 716 мегавати ветерни капацитети, а од 2013 година нема нов голем ветерен парк.
„Не се потребни нови субвенции, туку јасни правила и реално олеснување на постапките за изградба на нови капацитети“, порача Газдов.
Според АПСТЕ, Бугарија би можела да привлече уште над четири милијарди евра приватни инвестиции во ветерни електрани и системи за складирање до 2030 година, доколку институциите обезбедат предвидливи правила и ги отстранат непотребните административни ограничувања.
