САД нема да толерираат промена на границите во Западен Балкан и влијанието на Кина и Русија
Американското правителство нема да поддржи политики што поттикнуваат размена на територии, поделба или прекројување на граници по етнички линии на Западен Балкан и ќе се спротивставува на злонамерното влијание на Русија и Кина во регионот. Ова е наведено во Законот за национална одбрана на САД за фискалната 2026 година, потпишан од претседателот Доналд Трамп, пренесува БГНЕС.
Законот, претходно усвоен од двата дома на Конгресот, предвидува средства главно за програми на Министерството за одбрана, активности на Министерството за енергетика поврзани со националната безбедност, разузнавачки програми и иницијативи на Стејт департментот. Вкупните планирани расходи изнесуваат околу 900 милијарди долари.
Во документот посебно се нагласува значењето на Западен Балкан за мирот и стабилноста во Европа. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се опишани како плуралистички и мултиетнички регион од клучно стратешко значење. САД ја истакнуваат својата поддршка за демократски развој, економски раст и евроатлантска интеграција на овие држави, со цел спречување на обновување на етнички тензии.
Законот укажува дека зависноста на земјите од регионот од руски фосилни горива ја ограничува нивната економска и политичка автономија и го забавува европскиот интегративен процес. Корупцијата, вклучително и меѓу високи политички функционери, се посочува како една од главните пречки за развојот, додека зголеменото влијание на Кина може негативно да влијае врз демократијата и економската интеграција со Европа.
Еден од клучните инструменти предвидени во законот се санкциите. Претседателот на САД може, најдоцна 90 дена по стапувањето во сила на законот, да воведе санкции против странски лица вмешани или осомничени за корупција поврзана со Западен Балкан, како и против лица или политики што го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите во регионот.
Законот предвидува и редовни извештаи за злонамерните операции и кампањи на Русија и Кина на Западен Балкан. Државниот секретар на САД ќе доставува извештај до Конгресот најдоцна 180 дена по стапувањето во сила на законот и потоа на секои две години. Извештаите ќе содржат проценка на целите, тактиките и ефектите од руското и кинеското влијание, како и на капацитетите на НАТО, земјите од регионот и САД за нивно спротивставување.
Во документот се изразува загриженост за состојбата на демократијата во Србија, со посебно упатување на парламентарните и локалните избори од 17 декември 2023 година и на заклучоците на ОБСЕ/ОДИХР.
Законот ги повикува Србија и Косово да постигнат итен напредок во спроведувањето на Бриселско-охридскиот договор и ја потврдува поддршката на САД за сеопфатен договор заснован на меѓусебно признавање. Исто така, се нагласува значењето на задржување на целосниот мандат на мировната мисија ЕУФОР во Босна и Херцеговина и се повикуваат НАТО и ЕУ на поактивна улога во обезбедувањето стабилна безбедносна средина.
Дополнително, законот предвидува зголемување на трговските врски и инвестициите на САД во Западен Балкан, особено во насока на енергетска диверзификација, намалување на зависноста од руски извори и поддршка на преминот кон почисти и посигурни енергетски решенија.

