|

Шахпаска: Услугата Помош и нега во домот на стари лица достапна и во руралните средини

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска изврши увид во реализацијата на активностите од проектот за подобрување на социјалните услуги во Берово. За таа цел министерката оствари посета на Савета Алексова од село Двориште и Параскева Страторска од село Русиново кои ја користат услугата Помош и нега во домот на стари лица. Шахпаска потенцираше дека на средбите со највозрасните граѓани го гледа нивното задоволството.

Со децентрализација на социјалните услуги направен е вистински чекор поради што денес, возрасните лица помошта ја добиваат во нивните домови каде тие се чувствуваат најдобро, а со ваквата услуга, како што додаде министерката се отвора и можност за нови вработувања на лица кои од пасивна социјална позиција се вклучуваат на пазарот на трудот

-Од овие две посети видов дека синџирот на имплементацијата на услугата нега и грижа во домот на возрасните лица успешно функционира. Им честитам на сите, особено на општината како организатор и на давателот на услугата Установата „Д-р Иван Влашки“ бидејќи тие докажуваат дека со добро поставен систем и со посветеност и грижа, може да влијаеме врз подобрување на животот на лицата на кои тоа им е најпотребно, рече Шахпаска.

Таа посочи дека со новата услуга – помош и нега во домот, Владата и Министерството за труд и социјална политика спроведуваат реформа со која се подигнува квалитетот на животот, се намалува сиромаштијата и се зајакнува човечкиот капитал.

-Во општина Берово иницијално новата услуга им е достапна на 60-тина лица. Тие добиваат помош при извршувањето на секојдневните активности. Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 19 проекти во 24 општини, дополни министерката напоменувајки дека Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Извор: zoom.mk

Слични Објави