Шаќири: Со инклузијата се става крај на подредената положба на учениците со атипичен развој

/

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средба со регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан, која е во посета на Северна Македонија, рече дека децата со попречености имаат сè поголеми можности и услови да посетуваат редовна настава, со што се зголемува бројот на вклучени ученици во однос на оние кои се одвоени и учат во специјалните училишта.

-МОН постојано работи на изнаоѓање системски решенија со кои обезбедувајќи услови, и материјални и човечки, ќе се избегне досегашниот систем на паралелно образование, односно редовни и специјални училишта. Овие т.н. специјални училишта ги трансформиравме во основни училишта со ресурсни центри, кои треба да бидат поддршка на основните и средните училишта за непречена инклузија на учениците со атипичен развој, со што ќе бидат дел од редовниот образовен процес во земјава, истакна Шаќири.

Како што соопшти МОН, Шаќири посочи дека деинституционализацијата во нашето општество, во последниве нeколку години се реализира правопропорционално со инклузијата на учениците со посебни образовни потреби.

-Министерот Шаќири, напомена дека министерството континуирано работи и на подигнување на нивото на инклузивност на образовниот систем и создавање училишна клима каде вистински се прифаќаат децата со атипичен развој, наведува МОН во соопштението.

Со новиот Закон за основно образование, нагласи Шаќири, услугата образовна асистенција e обврска на државата.

– Минатата учебна година беа ангажирани 500 образовни асистенти, додека од септември оваа година се ангажирани 720, согласно искажаните потреби на родителите или старателите на овие ученици, во основните училишта. Тоа што ни преостанува е реализирање на обврската за обезбедување образовна асистенција за учениците во средното образование, што ќе ја реализираме откако ќе биде донесен новиот Закон за средно образование, изjави Шаќири, додавајќи дека во меѓувреме, образовните асистенти за средношколците се ангажираат преку програма за општинско корисна работа.

Радува и фактот, истакна министерот, што од година во година расте бројот на ученици вклучени во инклузивниот образовен процес. Во учебната 2021/2022 година во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 ученици со посебни образовни потреби инклузирани во редовните средни училишта.



За зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација. Со првата, 12 образовни објекти, по четири од основно, средно и високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите, со средства од ЕУ.

Согласно новата Концепција за основно образование, почнат е процесот на адаптација на учебниците и нивно печатење со Брајова азбука, како и адаптација во аудиоформат, со аудиочитач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.

– Од позиција на министер за образование и наука можам да ветам и понатаму максимална заложба за подобро образование и за градење поквалитетен инклузивен образовен систем, во кој ќе бидат вклучени сите ученици, изјави Шаќири.



Претходна статија

Западен Балкан на дневен ред на министрите за надворешни на ЕУ вo понеделник

Следна статија

Пендаровски – Карис: Потврдена добрата соработка меѓу Северна Македонија и Естонија

Најново од Вести