Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков и неговиот заменик Костадин Коџабашев ќе земат учество во настани посветени на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи
Mинистерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков и неговиот заменик Костадин Коџабашев ќе учествуваат на повеќе настани посветени на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна, информираат од Министерството за надворешни работи на Бугарија (МНР).
Министерот Милков на 9 март ќе учествува на Меѓународната конференција „Улогата на адвокатите во спасувањето на бугарските Евреи“, во организација на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Министерството за надворешни работи е меѓу коорганизаторите на форумот заедно со Амбасадата на Државата Израел, Здружението на обвинители во Бугарија, Комората на истражители и Федерацијата на ционистите во Бугарија.
Истиот ден во Ќустендил ќе престојува и заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев, кој со низа манифестации на иницијатива на општината ќе ја одбележи 80-годишнината од Ќустендилската акција, преку која се спасија илјадници Евреи.
Вечерта на 9 март во Музејот на Софија ќе биде отворена изложбата „Еврејска улица – реконструкција“, создадена со помош на Државниот културен институт при министерот за надворешни работи.
Министерот Милков на 10 март претпладне ќе учествува во манифестацијата Прошетка на толеранцијата и мудроста во Софија што ја организираат општина Софија и Организацијата на Евреите во Бугарија „Шалом“.
На 10 март напладне министерот ќе присуствува на отворањето на изложбата под патронатот на претседателот Румен Радев во Националната библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“, на која ќе бидат презентирани документарни докази за животот на Евреите во бугарските земји, вклучително и за време на Втората светска војна.
Министерот Николај Милков и неговите заменици Костадин Којабашев и Велислава Петрова ќе имаат средби со Евреи од државата Израел, од Мексико, како и со претставници на меѓународни еврејски организации.
Министерството за надворешни работи потсетува дека на почетокот на март годинава, бугарската влада усвои Национална програма на настани и иницијативи за одбележување на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна во текот на 2023 година и во спомен на жртви на Холокаустот. Покровител на годишнината е претседателот на Бугарија Румен Радев, а министрите за надворешни работи и за култура Николај Милков и Најден Тодоров се копретседатели на Иницијативниот комитет за одбележување на годишнината.
Програмата вклучува и околу 50 настани во странство. Од буџетот на Министерството за надворешни работи се издвоени повеќе од 200.000 лева за финансирање на настаните планирани во странство.
Дипломатско-конзуларните претставништва на Бугарија ќе ја запознаат странската публика со херојските настани кои доведоа до спасување на над 48.000 животи на нашите сонародници од еврејско потекло во најтемните времиња за Европа. Ќе бидат прикажани документарни изложби и филмови, ќе се одржат конференции и предавања на кои ќе учествуваат истакнати имиња на бугарската историографија.