ШЕФОТ НА КАБИНЕТ НА МИЈАЛКОВ, ТОНИ ЈАКИМОВСКИ ЌЕ СЕ БРАНИ ОД СЛОБОДА

По речиси една година помината зад решетки, од притвор излезе Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на екс директорот во УБК, Сашо Мијалков, а обвинет во случајот „Спец каса“.

Јакимовски на последното рочиште за „Таргет и Тврдина“, каде што исто така е обвинет, дојде сам, без вообичаената затворска придружба. Од Кривичниот суд за „Фокус“ потврдуваат дека Јакимовски се брани од слобода од 11 февруари.

Одлуката за замена на притворот со гаранција ја донел Кривичен совет на Основниот суд Скопје 1. На Јакимовски му се изречени мерки на претпазливост, односно одземен му е пасошот, а има и обврска еднаш во неделата да се јавува во судот.

Тој заврши во притвор минатата година во март, по барање на Обвинителството за организирање на криминал и корупција, а како осомничен во случајот „Спец каса“, односно за проневера на 825.000 евра, кои биле наменети за оперативни акции во УБК.

Јакимовски одреден период помина во истражниот затвор „Скопје“ и како обвинет во случајот на СЈО, „Таргет и Тврдина“, односно за нелегалното масовно прислушување во УБК.