Силјановска-Давкова го прими јапонскиот амбасадор Оцуко Казуја: потенциран интересот за натамошно јакнење на соработката меѓу двете земји
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими амбасадорот на Јапонија, Оцуко Казуја.
На средбата беше потенциран интересот за натамошното јакнење на соработката и зближувањето меѓу двете земји и народи, при што претседателката Силјановска-Давкова изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог со Јапонија во иднина, со цел унапредување на меѓусебното разбирање и соработката на политички, економски и културен план.
Во тој контекст беа поздравени проектите од jапонската иницијатива за соработка со државите од регионот, кои се очекува дополнително да го унапредат развојот на економските односи и да го зголемат интересот на јапонската бизнис-заедницата за инвестирање во земјата.
Во разговорот со јапонскиот амбасадор претседателката изрази поддршка за сите поголеми активности и иницијативи со цел продлабочување на билатералната соработка во сферата на културата, образованието и науката и го поздрави македонското учество на „Осака ЕКСПО 2025“.
Силјановска-Давкова упати благодарност до Јапонија како една од најголемите билатерални донатори во нашата земја за континуираната поддршка во областа на образованието и здравството преку проектите за техничка соработка, грантови и донации.
На средбата беше посочено дека годинава се одбележуваат 30-годишнината од воспоставување на дипломатските односи и 100-годишнината од раѓањето на познатиот архитект Кензо Танге, кој учествуваше во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес.