|

Силјановска Давкова ќе стави потпис на законот со кој ќе добиеме 4 нови министерства

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе го потпише указот на Законот за организација и работа на органите на државната управа оти станува збор за системски закон кој се носи со двотретинско мнозинство.

-Кабинетот на Претседателката укажува дека Законот за организација и работа на органите на државната управа е системски закон, односно се носи со двотретинско мнозинство, па согласно член 75 од Уставот, Претседателот нема право на вето на истиот, односно е должен да го потпише указот, соопштија денеска од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ синоќа ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што, како што беше посочено, се создаваат услови за формирање нова влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Согласно измените, наместо 16, отсега ќе имаме 20 министерства, и тоа:

1. Министерство за одбрана;
2. Министерство за внатрешни работи;
3. Министерство за правда;
4. Министерство за односи меѓу заедниците;
5. Министерство за надворешни работи и надворешна трговија;
6. Министерство за европски прашања;
7. Министерство за финансии;
8. Министерство за економија и труд;
9. Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини;
10. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
11. Министерство за здравство;
12. Министерство за образование и наука;
13. Министерство за социјална политика, демографија и млади;
14. Министерство за локална самоуправа;
15. Министерство за култура и туризам;
16. Министерство за дигитална трансформација;
17. Министерство за јавна администрација;
18. Министерство за транспорт;
19. Министерство за животна средина и просторно планирање и
20. Министерство за спорт.

Слични Објави