Сите возрасни треба да се тестираат на хепатитис Б, препорачува американската Агенција на болестите
Сите возрасни лица треба да се тестираат на хепатитис Б, болест поврзана со заболување на црниот дроб и рак, барем еднаш во својот живот, наведува новата препорака од американскиот Центар за контрола и превенција на болестите. Агенцијата проценува дека 580.000 до 2,4 милиони луѓе во САД живеат со хепатитис Б, познат како ХБВ, а две третини можеби не го знаат тоа.
Многу луѓе заразени со хепатитис Б закрепнуваат, но акутната инфекција може да доведе до хроничен хепатитис Б, кој е поврзан со зголемен ризик од рак на црниот дроб и цироза. Луѓето со хроничен хепатитис Б имаат од 70 до 85 проценти поголеми шанси да умрат порано.
„Хроничната ХБВ-инфекција може да доведе до значителен морбидитет и морталитет, но може да се открие пред развој на тешко заболување на црниот дроб со помош на сигурни и евтини скрининг-тестови“, објави здравствената агенција.
Хепатитисот Б се шири преку контакт со заразена крв или телесни течности, што може да се случи преку секс, интравенска употреба на дрога или за време на бременост или породување. Претходната препорака на ЦДЦ беше дадена во 2008 година и повика на тестирање на луѓето со висок ризик.
Агенцијата сега препорачува скрининг за сите постари од 18 години барем еднаш. Агенцијата сепак препорачува бремените жени да се прегледуваат во текот на секоја бременост, без разлика дали биле вакцинирани или тестирани во минатото.
Луѓето со висок ризик, вклучително и оние што се во затвор, имаат повеќе сексуални партнери или имаат историја на инфекција со хепатитис Ц, треба периодично да се тестираат. Симптомите на акутна инфекција со хепатитис Б може да вклучуваат треска, замор, абдоминална болка, темна урина и жолтица, меѓу другото.
До појава на овие знаци може да поминат месеци и може да траат со недели или месеци, но повеќето луѓе ја отстрануваат инфекцијата. Луѓето што развиваат хроничен хепатитис Б често се чувствуваат добро и немаат симптоми, понекогаш со децении. Но, ако се појават симптоми, тие може да изгледаат како акутна инфекција и може да бидат знак за напредна болест на црниот дроб.
Достапни се неколку лекови за лекување лица со хроничен хепатитис Б. Исто така, постои и високоефикасна вакцина против хепатитис Б.