СКОПЈЕ СО ОЧЕКУВАЊА ОД СРЕДБАТА МЕРКЕЛ-МАКРОН ВО ТУЛУЗ
По француското вето за почеток на преговорите со Македонија и Албанија вчера во Луксембург на министерско ниво, очите на двете земји се сега насочени кон претстојниот лидерски состанок на ЕУ што ќе се одржи утре и задутре во Брисел.
Иако ги отфрла обвинувањата, Франција вчера сепак не останала изолоирана во својата одлука да блокира зелено светло за старт на преговори со било која од двете земји и во било која форма. За ова биле и Холандија и Данска.
По две рунди преговори и неколку различни предлози на финското претседателство за да изнајде компромис, министрите за надворешни работи се откажаа и побараа прашањето да им се префрли на шефовите на држави и влади на ЕУ. Но клучниот противник е францускиот претседател Макрон кој според пишувањата на германските медиуми, денеска ќе бил изложен на дополнителен притисок од канцеларката Меркел да попушти. Двајцата ќе одржат средба во Тулуз.
Ова за агенцијата „Ројтерс“ го потврдил и висок претставник на кабионетот на Меркел кој предупредил дека Ова е приоритетна работа за Германија и стратегиско прашање за Европската унија.
Земјите членки на ЕУ вчера по трет пат ја одложија одлуката и покрај тоа што во јуни се заложија дека во октомври ќе се навратат на прашањето и ќе донесат „јасна и суштинска одлука“. Наместо тоа, тие не успеаја да донесат заклучоци за ниту една од земјите кандидати за членство во ЕУ, вклучително и Србија и Црна Гора кои се надеваа да отворат нови преговарачки поглавја.
Франција смета дека на прашањето треба ЕУ да се наврати во ноември на следниот Совет за општи работи, а не на овој Самит, но претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, сепак ќе го стави досието на маса.
