СЛОВЕНИЈА СО НАМАЛЕН БРОЈ ЗАРАЗЕНИ, НО СО РЕКОРДЕН НА ПОЧИНАТИ ОД COVID-19
Во Словенија во последните 24 часа со 3.918 тестови потврдени се нови 889 зарази со коронавирусот а починале 34 лица, што е најголемата бројка на смртни исходи во едно деноноќие досега, по што вкупниот број починати од Covid-19 во земјата се искачи на 531 лице, соопшти во неделата словенечкото министерство за здравство.
Изминатото деноноќие е забележан помал број заразени во однос на претходниот ден, кога имаше 1.612 новозаразени потврдени со 6.340 тестови, а и процентот на позитивните тестови е намален од 25,43 отсто на 22,69 отсто.
„Бројот на тестовите беше помал, но се гледа дека мерките дејствуваат“, објави на Twitter портпаролот на словенечката влада за кризата со коронавирусот, Јелко Кацин, изразувајќи оптимизам дека епидемијата сепак се смирува, бидејќи бројот на новозаразените вторпат во седмицата паѓа под 1.000 лица.
Со заразите од послените 24 часа, бројот на вкупно потврдените коронаинфекции во Словенија од почетокот на епидемијата е зголеми на 45.160, од кои во моментов активни се 22.167 случаи. Бројот на заразите во последните 14 дена на 100.000 жители изнесува 1.058, објави министерството за здравство.
Според последните податоци, во болниците се згрижени во неделата 1.084 пациенти со дијагностициран Covid-19, што е за 27 пациенти повеќе од ден претходно, а на одделите за интензивна нега се 174 пациенти, или пет повеќе отколку во саботата.
Сепак, медиумите во Словенија наведуваат дека сѐ уште не е јасно дали станува збор за конечниот број починати во саботата, бидејќи претходните денови прво беа објавувани смртните случаи во болниците, додека конечниот број на фатални исходи од болеста беше резултат на додавње на оние кои починале во домовите за стари лица.