Со изложбата „Црното Море во европската картографија“ на Софискиот универзитет, се одбележуваат 23 години од основањето на Бугарскиот дипломатски институт
Изложбата „Црното Море во европската картографија“ е отворена во централното фоаје на Ректоратот на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, по повод 23-годишнината на Бугарскиот дипломатски институт. Поставката ќе биде достапна до 2 октомври, соопшти бугарскиот Дипломатскиот институт.
Изложбата, организирана во соработка со Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, преку 19 паноа на англиски јазик ги претставува историјата и развојот на европската картографија во регионот на Црното Море. Во фокусот се неговото стратешко значење од антиката до денес, како и дијалогот и културно-историските врски меѓу државите во регионот.
Поставката е посветена на споменот на Светлозар Ковачев (1958–2025), долгогодишен вработен во Дипломатскиот институт, идеен творец и куратор на изложбата. Неговиот придонес беше истакнат на отворањето.
На присутните им се обратија директорката на Дипломатскиот институт, Тања Михајлова, и директорката на Универзитетската библиотека, доц. д-р Билјана Јаврукова. Во отворањето учествуваа и д-р Атанас Орачев од здружението „Црноморска Странџа“ и доц. д-р Михаил Груев, претседател на Државната агенција „Архиви“.
Меѓу гостите беа дипломати, универзитетски професори, истражувачи, партнери на Институтот и новоназначени аташеа-приправници во бугарското Министерство за надворешни работи од дваесеттата генерација на Институтот.
Изложбата е создадена во рамките на долгогодишниот картографски проект „Морето зближува сè што е далечно“. Досега била претставена во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, во седиштето на Организацијата за црноморска економска соработка во Истанбул, како и во Париз, Тбилиси, Техеран, Кишинев, Констанца, Бургас и Несебар.
Поставката е реализирана со поддршка на бугарската Државна агенција „Архиви“, Меѓународниот центар „ГЕОПАН“ и здружението „Црноморска Странџа“.
На крајот од церемонијата, Михајлова ѝ подари на Универзитетската библиотека ретка стара карта на Азија од колекцијата на Светлозар Ковачев.
