СО ПОВЕЌЕ ПАРИ ОПШТИНА ЧАИР ЌЕ ПРИВЛЕКУВА ФИРМА КОЈА ЌЕ СЕ НАФАТИ ДА ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА ПРЕД ТЦ МАВРОВКА

Општина Чаир ќе понуди повеќе пари на третиот тендер што ќе го распише за избор на фирма која ќе ги урива дивоградбите на нејзина територија, вклучително и онаа пред трговскиот центар Мавровка.

Ова, сметаат од општината е мотивација за фирмите да се пријават, откако ниту една не се пријави на претходните два јавни повици кога беа понудени еден милион денари за вршење на вакви услуги.

Засега не се знае колкава сума ќе понудат од општината на третиот јавен повик што ќе биде распишан оваа недела, но сметаат дека согласно извршените консултации и Законот за јавни набавки, треба да се пристапи кон зголемување на проценетата вредност на јавната набавка како единствен можен механизам поради непредвидените настанати околности за поттикнување на учеството на економските оператори во постапката. Новата постапка ќе биде без ограничувачки критериуми.

Минатата недела од Министерството за внатрешни работи известија дека постапиле по барањата на Обвинителството, барајќи информации од останатите надлежни институции, па штом ги добијат ќе им ги достават.

Од Обвинителството досега нема покрената постапка за овој предмет.