Софија ги почна подготовките за одбележувањето на 20-годишнината од членството на Бугарија во ЕУ
Општина Софија ги почна подготовките за одбележување на 20 години од пристапувањето на Бугарија во Европската унија. Во 2027 година во Софија ќе се одржат серија настани посветени на европската културна разноликост и заедничките вредности, пренесува БГНЕС.
Градоначалникот на Софија Васил Терзиев се сретна со претставници на амбасадите на земјите членки на ЕУ и со раководителката на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, Јорданка Чобанова. Средбата го означи почетокот на заедничката работа на програмата.
Во 2027 година се навршуваат и 70 години од потпишувањето на Римските договори, кои ги поставија основите на европската интеграција.
„Сакам во 2027 година Софија да го покаже најубавото лице на Европа – нејзината разноликост, слободата и можностите што ни ги дава да бидеме заедно. Да направиме нешто големо, убаво и незаборавно за луѓето“, изјави Терзиев.
Тој ги повика дипломатските претставништва активно да се вклучат со идеи и иницијативи, така што секоја држава да има свое место во програмата.
„Европа е силна кога сме заедно. Сакаме секоја држава да има свое место во она што го подготвуваме, а секој жител на Софија да може да се почувствува како дел од тоа. Верувам дека заедно можеме да направиме нешто навистина посебно за Софија“, додаде градоначалникот.
