Софија ќе биде домаќин на Европското првенство во кудо на 14 и 15 ноември
Софија ќе биде домаќин на Европското првенство во кудо на 14 и 15 ноември, со очекувано учество на натпреварувачи од околу 20 европски држави, соопшти Министерството за млади и спорт на Бугарија. Натпреварите ќе се одржат во салата „Софија“.
Во пресрет на првенството, бугарскиот министер за млади и спорт Енчо Керјазов се сретна со претставници на Светската федерација за кудо и на бугарската федерација. На средбата се разговарало за организацијата на шампионатот и за растечката популарност на кудото меѓу децата и младите.
На средбата присуствувале главниот директор на Светската федерација за кудо Нидеаки Такахаши, заменик-директорот и една од легендите на овој спорт Кеничи Осада, како и претседателот на бугарската федерација Господин Бабамов.
Керјазов ја истакнал важната улога на боречките спортови во развивањето дисциплина, почит, самоконтрола и одговорност. Тој посочил дека спортот придонесува за создавање корисни навики и за поттикнување активен начин на живот.
