СОЛИСТИЧКИ КОНЦЕРТ НА ЕВА БОГОЕВСКА ВО ПАРИЗ
Македонската виолинистка Ева Богоевска на 2 септември (недела) ќе одржи солистички концерт во Американската катедрала во Париз, Франција…
Пијано-соработник на концертот е Весна Ангелова-Христов, а на програмата ќе бидат застапени дела од Моцарт, Бетовен, Сен Санс. Солистичкиот концерт на Ева Богоевска во Париз се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а во рамките на престојот во Париз, нашите уметници ќе бидат примени и од амбасадорката на Република Македонија во Франција, Јадранка Чаушевска-Димов.
Ева Богоевска е студент на ФМУ во класата на проф. Олег Кондратенко. Таа има освоено многу меѓународни признанија, меѓу кои и првата награда на фестивалот Сан Ремо-Јуниор во Италија, Лауреат од прв степен на Меѓународниот фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија, Гран-При на Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, Израел, прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк, каде само во нејзината категорија учествуваа над 200 натпреварувачи од сите континенти во светот.
Ева Богоевска има повеќе пати настапувано како солист со Македонската филхармонија, како и со Националниот оркестар на Операта и Балетот во Хо Ши Мин,Виетнам. Како солист има остварено настапи во Словачка, Малезија, Израел, Унгарија, Австрија, Чешка, Русија, Италија, Виетнам, САД и кај нас.

