СПАСОВСКИ: ДА ГО ПРОСЛАВИМЕ ВЕЛИГДЕН ВО ДОМОВИТЕ, ДА НЕ СИ ИГРАМЕ СО ЗДРАВЈЕТО И ЖИВОТОТ
Во пресрет на Велигденските празници да покажеме одговорност, да останеме дома, да не се собираме, групираме и строго да ги почитуваме заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да го спречиме ширењето на корона вирусот, апелираа вчера премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на епидемијата чиј пик допрва не очекува, мора да се однесуваме сериозно. Импровизации, порачаа, не смее да има.
-Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигденот, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви.
А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот, рече Спасовски во видео-обраќањето.
За ја задржиме постоечката контрола врз ширењето на корона вирусот и за да дојдеме до моментот кога бројот на излечени ќе станува поголем од бројот на новозаболени, мора, како што нагласи, секој од нас да даде придонес.
-Потребен е сериозен и одговорен однос од секој од нас. Само така ќе успееме. Нема простор за импровизации, ниту за пропусти. Физичката дистанца од два метра сите да ја разбереме како правило. Не е тешко. Отстапете два чекори од лицето до вас или побарајте другите да го направат тоа. Нема лутење, за здравјето се работи. За животот ваш, наш, мој, твој, за животот за сите граѓани се работи. Мерките важат за сите. Ама за сите. Не смее и нема да има привилегирани. Нема да отстапиме ни педа. Забраната за движење е забрана за сите. Забраната за групирање е забрана за сите, потенцира премиерот.