КАЗНЕНИОТ КОДЕКС НА ВМРО

Вести Истакнато Македонија

Казнениот кодекс на Организацијата содржел 18 точки за сите важни престапи и криминални дела. Истите биле карактеристични за времето во кое што биле применувани. Историчарите велат дека мерките на ВМРО го давале потребниот резултат. Тепањето со стапови например е воведено со официјална наредба на Тодор Александров.

Во 18-те точки се собрани сите поважни престапи, криминални дела и казните за нив. Тоа го покажува казнениот кодекс на ВМРО од 10 февруари 1923 г. потпишан од легендарниот водач Тодор Александров.

„Постои став дека документот е подготвен од Иван Михајлов, кој во тој период е студент по право во Софискиот универзитет. Токму тогаш тој е поканет од Тодор Александров, да стане негов личен секретар во Задграничното претставништво на ВМРО во Софија“- велат историчарите.

Кон документот спаѓаат и две таблици за казните и наградите. Има специјални препораки како да се спроведуваат казните кон виновните по прв пат, со цел казната да не влијае на нивниот морал. Ненамерните грешки не се казнуваат, ако од нив нема лоши последици за Организацијата- распоредува Александров. Ќотек со стапови е предвиден за тие кои не се разбираат од збор и одбиваат да влезат во правиот пат.

Таблицата со казни почнува со најтешкиот престап-предавството. Кодошењето и издавањето тајни на Организацијата се казнува со смрт. Убиството без умисла се казнува со 10 до 50 стапови и казна од 500 до 50 илјади лева.

Смртна казна е предвидена за разбојништво, палење на фамилијарна куќа и прогон на семејството што живее во истата.

„Шверцот се казнува со смрт, а шверцуваната роба се конфискува во корист на Организацијата. Крадењето, рекетот и подмитувањето се казнува со 10 до 50 стапа, парична казна и конфискација на одземениот имот во корист на Организацијата.“- станува јасно од содржината на таблицата.

Силувањето се казнувало со смрт, а развратот со ќотек и парична казна. Исти се казните за злоупотребата со пари, муниција и оружје на Организацијата. Ако казната не се плати во предвидениот рок, таа се одвојува.

Во кодексот има посебно место и за „трошењето на пари по свадби, веридби, носењето на скапи костуми кои се 5 пати поскапи од костумите од домашни мајстори. Данокот луксуз можел да стигне до 25 илјади лева. Моралот бил поставен на пијадестал во Организацијата.
Ќотек со стапови е предвиден и за пијанство во комбинација со тепачка, пцовки и навредливи зборови.

За прикривање на криминални дела казната е иста како и за самите престапи. Во списокот со казни има и специјална забелешка за тоа кога смртната казна може да биде заменета со друга казна, но тоа важи само ако осуденото лице заслужува доверба и се согласи да изврши ризична акција во корист на Организацијата.

Организацијата има и листа со награди за заслужени активисти и соработници на ВМРО. Најчесто наградите биле пофалба, револвер, часовник, двоглед или пари.