| |

СПАСОВСКИ ДЕНЕСКА ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ОБУКА ВО ИДРИЗОВО

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на промоцијата на отпочнувањето на твининг проектот “Усогласување на националните системи со ЕУ и шенгенските барања за гранично управување”,. Проектот финансиран од Европската Унија започна со реализација од почетокот на февруари годинава и ќе се спроведува во рок од 24 месеци, во рамки на националната ИПА програма за што се издвоени еден милион евра.

Негова основна цел е да придонесе за усогласување на националните системи со стандардите на ЕУ и Шенген во делот на интегрираното гранично управување, а во согласност со целите на националните и европските стратегии за пристапување.

Во своето поздравно обраќање министерот Спасовски рече: “Исполнувањето на европските стандарди во областа на поглавјето 24 претставува наша стратешка определба. Поглавјето 24 опфаќа повеќе области меѓу кои и областа – надворешни граници – која според мое мислење но и според искуствата на новите држави членки на ЕУ е една од приоритетните области. Свесни за ова Министерството за внатрешни работи во координација со соодветните институции на национално ниво во процесот на програмирање на ИПА 2016 и секако со поддршка на ЕК и Делегацијата на ЕУ го предложи овој проект и еве денес сме сведоци дека овој предлог и практично се реализира“.

Заблагодарувајќи се на континуираната помош и финансиската поддршка која што ЕУ ја дава на Република Северна Македонија, министерот Спасовски нагласи дека исполнувањето на т.н. шенгенски стандарди претставува сложен процес за кој ќе биде потребно долг период за негова реализација.

“Искуствата на државите кои последни се приклучија кон ЕУ и Шенгенскиот договор покажуваат дека активностите за етаблирање на соодветни стандарди и ресурси започнуваат повеќе години пред официјалното пристапување кон ЕУ. Целта на овој проект е понатамошно јакнење на капацитетите во делот на надворешните граници преку мапирање на мерките за прифаќање на Шенгенското законодавство, изменување и дополнување на законската рамка, како и јакнење на човечките капацитети преку спроведување на голем број обуки за институциите кои имаат надлежности во интегрираното гранично управување“, го заврши своето обраќање министерот Спасовски.



Слични Објави