Средба Грковска-Агелер: Партнерството со САД продолжува, за поефикасен пристап во антикорупциските политики
Партнерството со САД продолжува, заеднички ќе обезбедиме поефикасен пристап во однос на антикорупциските политики
Потребата за промена на пристапот во однос на антикорупциските политики со цел да се постигнат подобри резултати, беше една од главните тема на денешната средба на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска со новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Грковска и посака топло добредојде на амбасадорката Агелер и изрази уверување дека со оглед на нејзиното искуство и одлучност, таа ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, зајакнување на соработката, но и поефикасен пристап во борбата против корупцијата, соопшти владината Прес-служба.
Вицепремиерката се заблагодари за континуираната американска помош, како во однос на нашиот евроинтеграциски пат, така и во однос на јакнење на капацитетите во сите области, што е предуслов за силно демократско општество.
Агелер, од своја страна, ги поздрави напорите што вицепремиерката Грковска и нејзиниот кабинет ги преземаат во делот на зајакнување на транспарентноста на институциите, како клучна алатка во борбата против корупцијата.
– На состанокот се разговараше и за поддршката што САД ја обезбедува на Северна Македонија во делот на процесот за дигитална трансформација на општеството, што беше оценето како клучен процес за зајакнување на капацитетите, одговорноста и професионалноста на институциите, се додава во соопштението.