|

Стоилковски: Tендер за соларни панели за МВР добила фирма за транспорт, истата што набавуваше машини за перење од 25.500 евра

Власта продолжува со криминалот и корупцијата. Нема воопшто борба со криминал и корупција, дури напротив, власта на ДУИ и СДСМ уште повеќе го надградува криминалот во Македонија, обвини на денешната прес-конференција, Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече партискиот портпарол, МВР на Оливер Спасовски, во јануари доделило тендер од половина милион евра за сончеви колектори.

„Се работи за зафат во речиси сите СВР-а во Македонија, како и одморалишта на МВР низ земјава. Добитник на овој солен тендер е фирмата ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ од Скопје, во конкуренција со уште една пристигната понуда до МВР, од фирма којашто според протфолиото има 20 години стаж и успех специјализирана за климатизација, соларна енергија и водовод“, нагласи Стоилковски.

Тој додаде дека ДОН ХОЛДИНГ е истата фирма која добила тендер за набавка на две машини за перење за градинка во Ѓорче Петров од 25.500 евра.

„За скандалот кој беше голем во предизборието и за кој постоеше голем интерес и набавката не се изврши под притисок на јавноста, МВР нема покренато иницијатива, но затоа ДОН ХОЛДИНГ фирмата која е блиска до СДСМ и до поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров добива тендер токму од МВР од половина милион евра за сончеви колектори“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека според Централниот регистар, но и според податоци во УЈП, компанијата ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје е фирма со основна дејност транспорт.

„Како е можно МВР да даде тендер за соларни панели, со инсталација, на фирма за товарен транспорт, фирма на едно лице? По кои критериуми се воделе во МВР, па за соларни панели за топла вода, и за водоинсталатерски работи да изберат фирма за товарен транспорт?“, јавно запраша Стоилковски.

Извор: Temite

Слични Објави