Стојанов: Во ’97 никој не ми веруваше дека Бугарија ќе биде членка за десет години, не губете верба за ЕУ
Аспирациите на шесте земји од Западен Балкан за членство во ЕУ денес, според поранешниот претседател на Република Бугарија, Петар Стојанов може да се опишат како приказна меѓу две војни и верува дека војната во Украина е трагедија, но оваа трагедија може да се трансформира во можност, што треба да се искористи.
Стојанов, своето обраќање на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 заедно со поранешните претседатели од регионот го искористи да упати порака дека не треба да губиме верба дека ќе бидеме земја членка на ЕУ, бидејќи и во 1997 година кога тој станал претседател никој не му верувал кога рекол дека за десет години Бугарија треба и ќе биде во Европската Унија.
– Десет години подоцна Бугарија се приклучи на ЕУ и најчестото прашање од моите луѓе беше кога ќе завршат реформите. Мојот одговор беше никогаш, бидејќи и по членството во ЕУ ние моравме да продолжиме со реформите, практично во секоја сфера. За да бидете компетитивни, практично мора да се реформирате секој ден. Затоа, сакам да кажам дека во Македонија, не треба да губите верба дека Македонија ќе биде членка на ЕУ. Тоа е сигурно. Сите веруваме во тоа, изјави Стојанов.
Меѓукултурниот дијалог е важен за сите земји, нагласи Стојанов, особено за Балканот, бидејќи како што подразбира самиот проект на ЕУ, треба да се има национален идентитет, но истовремено и да се имаат заеднички цели и перспективи да се живее заедно во рамки на ЕУ и да не се дозволи конфликтите и сенките од минатото да надвладеат.
– Аспирациите на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија и Албанија, за членство во ЕУ денеска може да се опишат како приказна меѓу две војни, бидејќи нивните напори за членство се во периодот меѓу единствените две војни на територијата на Европа по Втората светска војна. Војната во Југославија и актуелната војна во Украина, изјави Стојанов.
Овој процес, иако со свои подеми и падови, според Стојанов се водеше на предвидлив начин – земјите кандидати никогаш не се откажуваат од желбата за членство во ЕУ, а од своја страна Брисел секогаш ја потврдува својата подготвеност за нивно членство, по исполнување на критериумите.
– Ова беше ситуацијата пред војната во Украина, која ја промени геополитичката ситуација и вниманието на Брисел од југоисток се префрли на североистокот на Европа. Тоа е многу важно да се нагласи. Војната во Украина е трагедија, но оваа трагедија може да се трансформира во можност, да го забрза процесот на неповратно унифицирање на Европа од југоисток, до североисток. Треба да ја искористиме оваа можност. Ова е најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес и верувам дека ќе го надминеме и им посакувам се најдобро на Македонија и Албанија во овој процес, за исполнување на критериумите и членство во ЕУ, изјави Стојанов.
На претседателскиот панел „Западен Балкан – Културен дијалог и размена“ во рамки на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 учествуваа и поранешните претседатели на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Република Србија Борис Тадиќ, на Република Албанија Бамир Топи и поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.
Извор: Zoom.mk