СТОЛТЕНБЕРГ: ЧЛЕНСТВОТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО Е ВАЖНО И ЗА АЛИЈАНСАТА
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето излагање пред почетокот на разговорите за процесот на пристапување на земјава во НАТО, рече дека членството на Северна Македонија во Алијансата е мошне важно, не само за државата, туку и за целиот регион, како и за Северно-атлантската Алијанса во целост. Првиот човек на Алијансата потсети на успешно затвореното прашање со Грција, додавајќи дека храброста се исплатела и оти подобрувањето на безбедноста ќе значи и побрз економски развој за земајта. Тој повтори дека членството во НАТО значи и придонес кон безбедноста на целиот Северно-атлантски блок.
-Наскоро 30. членка на НАТО, Република Северна Македонија денеска тука е домаќин на 29-те сојузници, порача денеска на почетокот на состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претседава со Советот.
Во своето кусо обраќање на почетокот на состанокот на главното тело на НАТО задолжено за политички одлуки, Столтенберг повтори дека Скопје и Атина покажале историска одлучност и успеале да го решат неколкудеценискиот спор, постигнувајќи го Договорот од Преспа.
-Тоа покажува дека промената е можна и оти храброста се исплати. Благодарение на големите напори на одредени личности, а некои од нив денеска се тука, вие градите подобра иднина за вашата земја, придонесувајќи за регионалната и трансатлантската безбедност и обезбедувајќи натамошен просперитет, рече генералниот секретар на НАТО.
