Страшни поплави во Индија: Повеќе од 20 лица загинаа, најмногу дожд во последните 40 години
Обилни дождови низ северна Индија предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави во кои загинаа најмалку 22 лица, соопштија властите и локалните медиуми. Училиштата во Њу Делхи беа затворени по обилните дождови што го зафатија главниот град во текот на викендот, а властите во хималајските држави Химачал Прадеш и Утараханд побараа од луѓето да не ги напуштаат своите домови освен ако е апсолутно неопходно.
Најмалку 22 лица загинаа во поплави и лизгање на земјиште во северните држави Химачал Прадеш, Утараханд, Утар Прадеш, Џаму и Кашмир и Пенџаб, објави весникот „Тајмс оф Индија“.
Поплавите во северната држава Химачал Прадеш доведоа до уривање на мост и неколку згради во текот на викендот. Властите користеле хеликоптери за да ги спасат луѓето заглавени на патиштата и мостовите поради дождот, покажаа снимките на агенцијата АНИ.
Поплавени се улици во северните држави, вклучително и Пенџаб, Делхи и Утараханд. Спасувачките тимови во некои области користеле гумени сплавови за да стигнат до луѓето во нивните домови, јавуваат локалните медиуми.
„Ве молиме останете во затворени простории бидејќи се очекуваат пообилни врнежи во следните 24 часа“, рече Сухвиндер Синг Суху, главен министер на Химачал Прадеш, на социјалните мрежи доцна синоќа.
Во текот на викендот, во многу области на Химачал Прадеш наврна дожд колку што вообичаено врне за еден месец, изјави висок метеоролошки претставник. Во Делхи, Пенџаб и Химачал Прадеш има 112, 100 и 70 отсто над просечните врнежи во тековната сезона на монсуните која започна на 1 јуни, според метеоролошкиот оддел.