| |

Судењето против Ива Михаилова од Кочани ќе продолжи на 29 и 30 јули

Судењето на Ива Михаилова од Кочани, што започна вчера (6 јули 2026 г.) ќе продолжи на 29 и 30 јули. Причина за одложувањето се две нови експертизи што, според одбраната, ја оспоруваат тезата на обвинителството за нејзината вина, јавуваат бугарските медиуми.

Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, живее, студира и работи во Софија. Таа веќе 10 месеци има забрана да го напушти родниот град и, според БНТ, не може да се лекува од повредите здобиени во сообраќајната несреќа кај Кочани.

На едно од првите прашања во судот, како се самоопределува, 22-годишната Михаилова одговори: „Тука сум родена. Бугарка сум“. На прашањето чиј државјанин е, таа рекла: „На Северна Македонија и на Бугарија“.

Обвинителството тврди дека при несреќата на 7 октомври минатата година Михаилова возела со 84 километри на час, при дозволени 60. Одбраната го оспорува тоа, наведувајќи дека на тој дел од патот ограничувањето било 90 километри на час.

„Брзината со која се движела обвинетата била во согласност со законот, дури и пониска од дозволената“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Според обвинителството, Михаилова навлегла околу 50 сантиметри во спротивната лента. Одбраната, пак, доставила две експертизи според кои во нејзината лента навлегло другото возило, наводно поради полициска контрола на патот.

Судот ги прифатил новите експертизи како докази, а обвинителството побарало време да се запознае со нив пред распитот на сведоците и вештаците.

Слични Објави