Судот осуди двајца српски државјани за криумчарење 2.300 штеки цигари – парична казна и протерување од земјата
Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на поднесена предлог-спогодба од Основното јавно обвинителство Скопје против двајца државјани на Република Србија, обвинети за кривично дело „Криумчарење“ по член 278 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинението, на 1 октомври осомничените преку граничниот премин „Блаце“ влегле во земјава избегнувајќи царинска контрола, при што пренеле непријавена акцизна стока – 2.300 штеки цигари со косовски бандероли, со вкупна вредност од 3.220.000 денари.
Цигарите биле транспортирани во товарно возило во сопственост на правно лице од Србија, скриени во импровизирани бункери во приколката. Полициските службеници го откриле и контролирале камионот на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, во моментот кога во истото возило се товарале цигари со македонски бандероли.
Согласно постигнатата и од Судот потврдена спогодба со обвинителството, на обвинетите им е изречена парична казна од по 4.000 евра која треба да ја уплатат веднаш, како и мерка протерување од државата во времетраење од пет години.
Дополнително, Судот одзеде сите криумчарени цигари, товарното возило со приколка, 1.300 евра пронајдени при приведувањето и два мобилни телефони кои биле користени при извршувањето на делото.
