|

„Стоп за Вардариште“: Засега без блокади – институциите почнаа со расчистување

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ на својот Фејсбук профил објави дека ќе организира прослава поради тоа што институциите конечно започнале со расчистување на депонијата Вардариште.

Од иницијативата соопштуваат дека привремено ги запираат блокадите, но најавуваат дека доколку не се исполнат ветувањата, повторно ќе излезат на улица.

Граѓаните се повикани да им се придружат на прославата што ќе се одржи денес во 18 часот.
„Дојдете на оваа петочна блокада заедно да го прославиме успехот што го постигнавме во изминатиот период. Потребна е секаква помош за организација — од носење озвучување и повикување музички групи, до споделување храна и пијалоци“, стои во објавата на социјалните мрежи.

Од иницијативата им се заблагодарија на сите граѓани кои учествуваа на протестите, „и на дожд и на сонце“.

Жителите на Аеродром, Ново Лисиче и околните населби веќе подолг период протестираат поради миризбата и загадениот воздух што доаѓаат од дивата депонија. Повод за последниот бран протести беше пожарот во Вардариште, по кој повеќе населби останаа без струја, а непријатната миризба и загадувањето се чувствуваа со денови.



Слични Објави