| |

Сведени на “но …”*


Денес ми дадоа весници, но во нив немаше ништо. Затоа и ми ги дадоа.” –
Боби Сандс.

Пишува: Арсим Зеколи

Најголемиот предизвик во политиката – па и животот воопшто – е желбата и спремноста да понекогаш се одлепите од дневните гравитациони сили и се обидете да нештата барем накратко ги погледнете од птичја перспектива. И низ тој широк преглед на хоризонтот се обидете да ја дознаете далекусежноста на одредени мали чекори во сегашноста и последиците со кои ќе вродат во иднина. Неколку изјави од минатата недела беа доволен мотив за краток лет над нашето кукавичје гнездо, кое барем за авторот, заврши со непријатно атерирање назад во неминовната статичност. Сепак, за да ги разбереме во потполност вистинските димензии на тие изјави во наш контекст, ќе ве вратам неколку децении во историјата, поточно во далечната 1980 и тогашните историјски настани кои оставија длабок траг врз европскиот континент.

Непосредно по својата прва изборна победа во 1979 , челичната дама на конзервативизмот Маргарет Тачер промовираше нов приод кон бунтовната Северна Ирска, опфатена од тнр. “години на немири” и конфликт помеѓу британската колонијална власт и домашното ирско-католичко население и бунтовниците на ИРА. Тој приод беше злогласно сумаризиран во три точки на дејствување: Изолација – изолирање на заедниците меѓу себе и од надворешниот свет; Криминализација – негирање на политичките мотиви на бунтовниците и самото постоење на политичка или идеолошка спона во конфликтот, карактеризирајќи ги бунтовниците како обични криминалци; Деморализација – наметнување чувство на безизлезност и залудност на отпорот кон британската колонијална круна.

Замислата на Тачер, наизглед совршена во својата ингениозност, бездруго ќе доживееше успех, доколку не се испречеше тој секогаш непредвидлив и добро-пакосен фактор наречен човечки дух на непокор. Во конкретниот случај, тој фактор имаше и свое име и презиме – Боби Сандс, војник на ИРА од сиромашно католичко семејство, уапсен 1976 година и (од затвор) избран пратеник во Британскиот парламент. Но она по што Сандс ќе остане вечно запамтен е неговото водство во организираниот штрајк со глад на ирските затвореници во затворот Лонг Кеш кои бараа статус на политички затвореници. Штрајк кој водеше кон неговото прерано и трагично починување на 5 мај 1981 г, на 27 годишна возраст, после 66 дена гладување. Во тој директен судир на вољи помеѓу ирските затвореници и Маргарет Тачер, починаа уште 9 затвореници. Нивниот штрајк со глад стана светска вест број еден и ја разби изолационистичката блокада. Нивната смрт им обезбеди највисока почит на маченици за слободата и правдата, побивајќи ги љагите на криминализацијата. И на крај, 100.000 граѓани собрани на погребот на Сандс и дадоа крај на намерата за деморализирање на ирскиот отпор.

Во децениите кои следеа, политиката на ИКД се јавуваше низ различни светски меридијани, под различни форми, образложениа и изговори, но секогаш со иста цел – зачувување на политичкиот примат на власта преку блатење на своите опоненти и пежоризација на нивните мотиви. Впрочем, токму албанците од поранешна СФРЈ, вклучително и Македонија, беа и сеуште се предмет над кој се спроведува таа злогласна политика. Која посебно кулминираше по осамостојувањето на нашата држава и техниките за држење на албанците под постојана и беспоговорна сомнеж за “петтоколонашко” непријателство кон сопствената земја. Под изговор на “градење држава” и во име на “одбрана на суверенитетот и правниот поредок” се водеше лабораториски измислена борба против “иредентизмот, сепаратизмот”, сомничењето на врските со Албанија и Косово, (изолација), оптужби за криминално здружување н “албанска нарко мафија” под превез на политика, сатанизација на барањата поврзани со јазикот, Универзитетот во Тетово (криминализација), отворено полицијско насилство во Бит Пазар, Гостивар, понижување на политичките претставници на албанците и нивните симболи (деморализација). Под превез на таквата “државотворна” мисла и со благонаклоно замижување на дипломатиите од САД и Европа, длабоко низ институциите на безбедносниот систем се создаваше пара-легална, пара-полицијска структура на манипулација во блиска корелација со криминалот и со една единствена цел – етнички монопол врз економските ресурси и полит-безбедносните фактори контролирани од елитен грст лица од политиката и стопанството.

Но поимот за “поетска правда” не би бил измислен доколку историјата не потврдила безброј пати дека мечот секогаш има две оштрици. Конфликтот во 2001 донесе до привремен дисбаланс на силите и воспоставување на базична урамниловка на взаемен страв и почит помеѓу етничките заедници, како гарант на договорна стабилност. Сепак, таквата урамниловка воедно ги загрози економските интереси на привилегираните полит-безбедносните елити од “длабоката држава”, навикнати на ефтина експлоатација на немакедонците и држење монопол врз економските ресурси. Но, благодарејќи на партијското киднапирање на Рамковниот Договор, овој пат механизмите на манипулација добија би-етничка димензија во која дискриминацијата се “надгради и прошири” преку елиминација на опозицијските претенденти на буџетскиот колач од сопствениот етникум. Некогашните борци за македонско национално единтво станаа рушители на националниот идентитет на македонците, додека пак некогашните борци против “славо-македонските служби” почнаа да ги користат техниките на истите служби, повторно усмерени кон албанците. Опозицијата (читај СДСМ) првично беше изолирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ под изговор на наоѓање решение за спорот со името и оптужби за предавство и колаборација со “клетите грци”, за потоа да следи полицијско-судско-медиумска кампања за криминализација на партијата и нејзиното водство (Црвенковски, Бучковски, Заев, Шеќеринска), и на крај биде дотолчена преку деморализирање на членството низ процесот на лустрација, економско истоштување, медиумско блатење и редовните порази на “фер и демократски избори”. ДУИ пак беше надлежна за продолжување на политиката на СДСМ од 90-тите преку сомничење и оптужување на ривалите за рушење на Рамковниот, ширење раздор и интриги помеѓу заедниците н албанците во земјата преку промовирање идеи за мноштво идентитети (домашни и увезени), ширење раздор во албанската диаспора (изолациија), користење на лустрацијата и патриотизмот за контрола, блатење и понужување на инакумислечките, елиминација на финансовите ривали од Куманово и Скопје (криминализација), манипулација преку корумпираните дневни весници и национални ТВ станици на албански јазик, саботирање во соработка со ДПА на било кој фактор кој може да им ја загрози позицијата на моќ и влијание (деморализација). Затоа, беспредметни се тековните дебати дали сегашните водства на ВМРО-ДМНЕ и ДУИ соработувале и одработуваат за странски фактори. Она што е сосема очигледно е дека тие до детал верно ги продолжуваат и спроведуваат техниките на масовна манипулација на граѓаните под плашт на “национални, државни интереси и патриотски мотиви”. Притоа, најпоразителниот, срамен и прљав детал на таа подла пошаст-политика усмерена кон граѓаните на оваа земја е фактот што таа ужива и се уште ужива потполна подршка од меѓународната заедница, посебно од САД и од ЕУ, под изговор на “стабилноста, демократските вредности и реформи”. Но под плаштот на новите демократски “доблести на новиот свет”, тој приод е сумирани во давање европски пари за Груевски, американско оружје за Мијалков, палома извештаи за опозицијата на Заев и Шеќеринска, дозирани ЕУ и УСАИД помии за невладините медиуми и тапкање по покорно наведнатите глави на Али, Мендух, Муса, Теута проследено со ветување дека ќе им купат карти и обезбедат средба со трето-класни трипломатски филипинки во Вашингтон.

Но приодот на Тачеровата политика кон Северна Ирска имаше и свој завршен, четврт столб на дејствување: нормализација. Чин на прифаќање на од Лондон наметната “нова реалност”, кој поради наведениот гест на самопожртвуваност на Боби Сандс никогаш не успеа да се реализира. За разлика од кај нас.

Изјавите на Ховит и Дуња Мијатовиќ дадени минатата недела (кои поради стеснетиот простор нема да ги цитирам) се јасни предвесници на духот на размислување на Вашингтон и Брисел кој дава предимство на “економска функционалност”, “безбедносна стабилност”, “одлични закони” по мерка и интерес на власта. Додека пак опозицијските и медиумските барања се сведени на “но …” проблеми и прашања “со кои се соочуваат сите”. Поразително е што ниту еден новинар во оваа земја не најде за сходно да ја праша босанската “меѓународна” како се случи да за време на нејзиниот мандат се случи најдрастичниот и безпримерен пад на медиумските слободи во регионот на ОСБЕ и посебно кај нас? Признале или не, сеедно, но “жолтите минути” на Дуња потврдуваат дека и медиумската заедница го доби својот “црн понеделник”, безмалку подеднакво поразителен и понижувачки како и парламентарниот.

Со своето одмолчување, па дури и обиди за оправдување на ставовите на Мијатовиќ, самите независни медиуми станаа дел од апологетскиот процес на нормализација на ненормалното. Поради искрена убеденост? Или поради снисхолдива донаторска зависност? Не е веќе ни важно, сега кога завесата е спуштена на крајот на претставата за опозицијскиот и медиумски театар на отпори и непокори. Се што следи е само водвиљ, во полупразни сали.

* Написот е објавен во Утрински весник на 16 февруари 2014.

Слични Објави