Историска реконструкција на Петричкиот инцидент по повод 100 години од настанот
Над 120 учесници облечени во автентични униформи и вооружени со оружје од почетокот на XX век учествуваа во импресивна историска реконструкција на настаните околу Петричкиот инцидент од 1925 година. Настанот беше организиран од здружението „Арамии“ и Националниот клуб „Традиција“ со учество на регионалните клубови од Сопот, Бања, Самоков, Златица, Нова Загора, Тројан и Карлово, јавува БТА.
Учесниците ги прикажаа клучните моменти од конфликтот на бугарско-грчката граница, кој предизвикал меѓународен одек и довел до интервенција од тогашното Друштво на народите. Во знак на почит и признателност кон храброста на учесниците во инцидентот, беа положени цвеќиња на спомен-плочата во преминот Демир Капија на планината Беласица.
Петричкиот инцидент избувнува на 19 октомври 1925 година, кога по граничен судир меѓу грчки и бугарски војници кај Петрич, грчка војска навлегува на бугарска територија. Бугарија мобилизира ограничени сили за заштита на населението во пограничниот регион. Судирите резултираат со човечки жртви и материјални штети, создавајќи сериозна меѓународна тензија. Грција бара казнена акција, а Бугарија поднесува жалба до Друштвото на народите.
По брза интервенција на меѓународната организација, донесена е одлука грчките трупи да се повлечат и на Бугарија да ѝ се исплати надомест од 45.000 британски фунти. Така, Петричкиот инцидент останува запаметен како пример за успешно применета меѓународна дипломатија и спречување на ескалација преку мировна интервенција.
По повод стогодишнината од настанот, Општина Петрич и Историскиот музеј организираа повеќе активности. Во петокот беше промовирана книгата „Војната за Петрич – 1925“, дело на Илиан Ацев и Димитар Јаков, со илустрации од архитект Иван Стојчев. Истата вечер беше претставен и уметничко-историскиот расказ „Широко петричко срце“, посветен на 100 години од инцидентот и на петричаните кои дарувале средства за изградба на училишна зграда — проект на учениците од Четвртото основно училиште „Христо Смирненски“ и Историскиот музеј.
Во саботата одбележувањето продолжи со научна тркалезна маса на тема „100 години од Петричкиот инцидент (1925): Сеќавање и историски поуки“, по што беше отворена изложбата „Необјавената војна – 100 години од грчко-бугарскиот вооружен конфликт во октомври 1925 година“, која нуди нов поглед на настаните и презентира досега неприкажани документи.
