Светски медиуми: Грција ги предаде посмртните останки на цар Самуил на Бугарија, Софија врати 48 црковни реликвии
Грција и Бугарија официјално извршија размена на историски и религиозни предмети, при што Атина ѝ ги предаде на Софија посмртните останки идентификувани како останки на средновековниот владетел цар Самуил, а Бугарија врати 48 црковни реликвии, објавија US News и The Guardian.
US News пишува дека договорот предвидува предавање на останките на цар Самуил на Бугарија, како и враќање на речиси 50 религиозни реликвии на Грција, кои биле изнесени во Бугарија за време на Првата светска војна.
Официјалната церемонија се одржа на 3 октомври во Музејот на византиската култура во Солун, во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и бугарскиот премиер Румен Радев.
Посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самуил биле откриени во 1965 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при ископувања во базиликата „Свети Ахил“ на остров во Преспанското Езеро. Во последните години тие се чуваа во Музејот на византиската култура во Солун.
Самуил владеел од 997 до 1014 година и во Бугарија се смета за национален херој поради неговата борба против Византиската Империја.
Радев го оцени договорот како „историски“ и изјави дека со предавањето на останките завршуваат шест децении напори на Софија тие да бидат пренесени во Бугарија, пренесе US News.
„Ова се предмети што им припаѓаат на двата наши народа; тие се дел од нашата меморија и нашата врска“, изјави Радев на церемонијата, пишува The Guardian. Тој додаде дека, доколку во минатото цар Самуил ги разделувал двете страни, денес, според него, ги обединува и ја зајакнува нивната соработка.
Останките биле пренесени во Софија со воен авион, во придружба на борбени авиони, а при пристигнувањето бил извршен почесен артилериски поздрав. Бил организиран и бесплатен превоз за граѓаните кои сакале да им оддадат почит.
Бугарија ѝ предала на Грција 48 религиозни предмети, меѓу кои икони, крстови и украсени црковни садови. Весникот наведува дека тие биле однесени од цркви и манастири во северна Грција од бугарски војници за време на Првата светска војна и повеќе од еден век биле чувани во Националниот историски музеј во Бугарија.
Мицотакис го претстави договорот како пример за начинот на кој државите можат да решаваат долготрајни спорови околу културното наследство. Тој рече дека процесот покажал оти за надминување на историските пречки се потребни политичка волја и решителност стои во материјалот на The Guardian.
