| |

„Свинската војна“ меѓу Србија и Австроунгарија, трамповите царини и новите перспективи

Пишува: Владимир Перев

1, “Свинските војни“
1а.)Терминот “свинска војна“ не е непознат во историјата, има барем две такви војни, разбира се, со различни последици. Во 1859 година, островите на територијата на сојузната држава Вашингтон, остануваат спорна зона меѓу британците и американците. Спорен е и островот Сан Хуан, кој го владеат британците и каде има американски доселеници. Еден од американските доселеници, ја убива свињата на британец, за потоа конфликтот да се доведе до ситуација на војна и искрцување на американски единици на островот. Ситуацијата станала толку напрегната, што за мировен посредник бил викнат германскиот император Вилхелм Први. Тој пресудил во полза на американците и британските маринци го напуштиле Сан Хуан 1872 година. Кризата траела цели 13 години. Конечно, британско-американската војна била одбегната и островот останал американски. Сето тоа само заради едно застрелано свинче…

1б.)Познатата „свинска војна“ меѓу Србија и Австроунгарија која трае од 1906 до 1911 година има многу поширок опсег и влијае на односите на Балканот, како во времето на тој царински конфликт, така и до денешен ден. Како и секогаш, основата на недоразбирањата лежи во парите и интересите. Малото кралство Србија, сака да се задолжи и да ја опреми својата армија со топови од германскиот Круп и француската компанија Шнајдер. Австроунгарија бара Србија да се снабди со оружје од австроунгарската компанија Шкода, каде царскиот двор од Виена има свои акции. Србија се спротиставува и Австроунгарија воведува царини на целата српска роба која доаѓа кај нив. Тоа го погодува кралството Србија, бидејќи се главниот снабдувач на Австроунгарија, а преку неа и на дел на Европа со месо од живина, а најмногу со свинско месо, мед и кожи. Но, Србија веднаш воведува реципрочни царини кон Виена и војната зема замав. Големата и силна Австроунгарска империја мислела дека за брзо време ќе ја клекне Србија на колена, но тоа не се случило. Србија склучува договор со Бугарија за Царинска унија и преку Бугарија тече српската меѓународна трговија. Виена го притиска кнез/цар Фердинанд Први да го раскине договорот со Србија, но царот не попушта. Бугарија има свои интереси во Македонија, сака добри односи со Турција која ја поддржува Србија, па нема намера да ја поддржува политиката на Виена. Во оваа “свинска војна“ Србија се покажува како единствена и обединета, ја отфрла зависноста од Австроунгарија, а ја ужива помошта на Франција и Италија, како и наклоноста на Бугарија и Турција. “Свинската војна“ завршува во 1911 година со целосен пораз на Виена, а Србија. Бугарија, Грција и Црна гора потпишуваат договор кој води до Првата балканска воја. Оттука натаму сѐ е историја…

2. Трамповите царини
Европа сѐ до формирањето на ЕУ вечно живеела во некакви царински “војни“ и државни привилегии за сопствените производи, манифестирани низ високи царини за производи од другите земји. Земјите од Варшавскиот пакт, а со нив и СФРЈугославија, се до деведесетите години живееја во некаков економски изолационизам…и го преживеаја. Цената беше висока. Конкретно во СФРЈ во осумдесетите години машина за перење или телевизор од никаков квалитет, произведени во ЕИ Ниш или Горење, беа поскапи од истите Круп, Сименс, Филипс или Бош на европскиот пазар. Го преживеавме и тоа, ама дали извлековме некои поуки?! Да, поуката е дека треба да се концентрира стопанството на производи од висок квалитет и нови технологии, нормално платена работна рака и меѓусебни, европски отворени бизнис пространства. Европа има над 500 милиони жители, високоразвиена индустрија и оспособени специјалисти во сите области. Производството на храна задоволува, а она што треба да се увезе го има на пазарот по нормални цени. Европа веќе ги презема нужните мерки, контра-царините се на повидок, па да не брзаме, дополнително ќе видиме кој каде се наоѓа на листата на “експлоатираните“. Трамп не треба да се разбере како изненада, тој треба да биде прифатен како елементарна непогода за европската цивилизција и воедно како аларм за обединетост и заедничка акција. Спорадичните про-трамповски акламации на некои од европските политичари, треба да се прифатат како дел од нашиот европски фолклор и долготрајната заспаност на некакви победнички ловорики и либерално-либералистички опции за нашата иднина. Свеста дека доаѓа новото време веќе е присутна. Царините на Трамп се само прологот во драмата, фарса на веќе видените “свински војни“! Крајниот резултат, од Наполеоново време и неговите блокади на Британија, па преку односите Србија-Австроунгарија, секогаш се во полза на одбраната на сопствениот политички идентитет. Европа и ние, имаме таков идентитет!

3. Новото идно време…без “Че…“
Навидум, на Европа не и се пишува добро. Војната во Украина која застрашува да се прошири на поголем дел од континентот, не дава многу време за размислување. Видливи се првите чекори: 1. Силно обновување на заспаната европска воена индустрија, 2. Консолидирање на финансискиот систем, проследен со намери за заедничка политика во областа на одбраната, надворешните работи и безбедноста и 3. Јасната и чиста поддршка на Украина во војната против агресорот-Русија. Видливи се и политичко-воените дејствија. Германија ги надминува забраните за вооружување, останати од крајот на Втората светска војна, а на Далечниот исток, Јапонија одново се наоружува, пренебрегнувајќи секакви наметнати ограничувања од загубената Втора светска војна. Некои американски воени експерти сметаат дека на Европа ќе и требаат 4-5 години и цврста управувачка рака, да постане воено и економски способна и независна од американското оружје и пари. Да, ќе биде посиромашна и со понизок стандард, ама слободата има своја цена…своја цена има и ропството, ако дојде руската солдатеска и Путин, тогаш ќе плачеме што не сме ја платиле вистинската цена на слободата. Трамп и неговите царини и дилови не треба да се земаат сериозно. Треба да се земе сериозно Путин, неговиот цезаризам и неговата солдатеска. Трамп со подигнатата тупаница, личи на Че Гевара, херојот на моето време…истите илузии, истото неприфаќање на реалноста, истата самовљубеност, нејаснотиите за иднината и за реализацијата на сопствените амбиции! Истата конфузност, истата идеолошка празнотија…

Свинчето од Сан Хуан залудо го загуби животот, американците победија и англичаните го напуштија островот. Веројатно тоа е и визијата на Трамп, ама се работи само за едно мало свинче.

Србија ја доби “свинската војна“, за потоа од едно мало, сиромашно и зависно кралство, да стане империја, сојузник на победителите од двете светски војни и да се рашири во граници кои, ниту разумот, ниту историјата, може да ги објасни.

Ние треба да го одбереме примерот…



Слични Објави