Тагарев: Бугарија е подготвена да се приклучи на иницијативата на ЕУ за обезбедување на 1 милион муниција за Украина
Министерот за одбрана на Бугарија Тодор Тагарев разговараше со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Софија Ирене Планк за можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на одбраната, соопшти Министерството за одбрана на Бугариja.
Амбасадорката Планк му честиташе на министерот за силниот почеток на неговиот мандат, за одобрувањето на вториот пакет воена и воено-техничка помош за Украина, како и за одлуката на Владата за утврдување на составот на бугарската делегација за Самитот на НАТО во Вилнус.
Министерот Тагарев, пак, го истакна значајниот придонес на Сојузна Република Германија во зајакнувањето на источното крило на НАТО, а се разговараше и за прашања поврзани со безбедноста во регионот на Црното Море.
„Постои волја кај нашата земја да се приклучи на иницијативата на Европската унија за обезбедување на 1 милион муниција за Украина. На овој начин се откриваат можности за бугарската одбранбена индустрија“, рече министерот Тагарев.
Двете страни разговараа за модернизацијата на вооружените сили, потребата од дообука во врска со реализацијата на овие проекти, можностите за соработка во стратешките комуникации и спротивставувањето на дезинформациите, како и други политички прашања на агендата на Бугарија.
На средбата присуствуваа заменик министерот за одбрана Атанас Запрјанов, началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов, директорот на Дирекцијата за одбранбена политика и планирање бригаден генерал Радостин Илиев, како и заменик-шефот на мисијата Штефан Рокен и Димитар Станишев од секторот „Политика и протокол“.

