Тајни планови за црноморски воен сојуз со учество на Украина и Русија, Бугарија како сериозен фактор
Доверлив проект за создавање военоморска коалиција во Црното Море, предводена од Турција, се разгледува меѓу државите што граничат со акваторијата. Иницијативата е поврзана со постигнување мировен договор меѓу Киев и Москва, пренесува БГНЕС.
Според информации на „Интелиџенс Онлајн“, Анкара води конфиденцијални преговори за формирање нов военоморски сојуз во Црното Море, без турското Министерство за надворешни работи досега јавно да се има огласено по ова прашање. Воената соработка, предводена од Турција, во перспектива би ги опфатила сите држави долж црноморскиот брег.
Турски безбедносни извори наведуваат дека во почетната фаза во проектот ќе бидат вклучени Украина, како и нејзините соседки Романија, Бугарија и Грузија. Во Анкара се разгледува можноста Русија да биде интегрирана во подоцнежна фаза, но само доколку прифати прекин на огнот и потпише мировен договор со Украина.
Идејата за оваа военоморска коалиција била дискутирана за време на посетата на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на самитот на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина, одржан во Париз на 6 јануари. Кратко по форумот беше активирана и друга структура – Военоморската група за противмински дејства во Црното Море (MCM Black Sea), основана на 11 јануари 2024 година од Турција, Романија и Бугарија како одговор на војната меѓу Русија и Украина.
Еден ден по средбата во Париз, романски и бугарски воени бродови пристигнаа во пристаништето Истанбул, по што спроведоа повеќедневни вежби за деминирање заедно со турските сили во западниот дел на Црното Море. Ова е осми пат оперативната група да биде активирана од своето формирање.
