|

„Танец“ ќе настапи пред светските атракции „Огнот од Анадолија“ и „Господар на танцот“

Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ќе биде специјален гостин на две танц шоуа кои доаѓаат во ВИП арена „Борис Трајковски“ во Скопје овој и наредниот месец – околу десетминутен настап ќе има пред гостувањето на „Огнот на Анадолија“ (Fire of Anatolia) на 12 март и 30-минутно претставување пред танцово-музичката атракција „Lord of The Dance“ на 11 април …

Директорот на „Танец“ Стојанче Павловски вели дека нивната програма пред настапот на „Огнот на Анадолија“ идниот понеделник ќе биде 12 до13 мунути во кои на плејбек ќе изведат неколку ора, меѓу кои „Осоговка“, „Пирин“, „Лазаренки“.

За „Господар на танцот“ (Lord of The Dance), пак, ќе имаат поширока програма и получасовен настап. Тоа е можност, рече, пред двете светски танц атракции да се прикаже македонската играорна традиција.

– На двете шоуа „Танец“ ќе ја претстави нашата култура, традиција, нашето мајстортство. Како што имаат тие, имаме и ние. Нивните настапи се помодернизирани. Ние сме малку подруго, сѐ уште се држиме до традицијата, но имаме наши автентични чекори и елементи. Нашиот фолклор е богат, изјави директорот на националниот ансамбл кој идната година ќе одбележи 70 години постоење.

Со турската танчарска група од Анадолија „Танец“ ќе настапи првпат, а со танчарите на „лордот“ Мајкл Флетли веќе има искуство од нивното гостување пред десет години. Оваа година „Lord of The Dance“ во Скопје ќе се претстави со ново шоу – „Опасни игри“.



Слични Објави