|

Таравари: Ако Владата ги прифати петте точки со барања, ќе продолжиме да преговараме за кадровски решенија

Алијанса за Албанците подготвила програма од пет точки и ако таа биде прифатлива за Владата ќе се преговара за кадровските решенија изјави претседателот на Алијанса Арбен Таравари пред утрешната средба со премиерот Димитар Ковачевски за можен влез на партијата во владината коалиција. Таравари не сакаше да открие повеќе детали околу тоа кои се нивните пет точки, пред да се сретне со премиерот.

„Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција. Ќе делуваме како што сме делувале овие последни седум-осум години“, рече Таравари.

На новинарско прашање дали меѓу тие барања е и она за гаранции за уставни измени, Таравари изјави дека пакетот на мерки што го презентираа пред јавноста, меѓународниот фактор и другите политички партии, ќе бидат нивното главно барање.

Тој рече дека без разлика дали ќе бидат дел од владината коалиција, смета дека годинава не треба да биде изборна, бидејќи такви се препораките од „сите пријатели“.

„Такви се препораките од сите наши пријатели, дека треба да се даде шанса. Ние можеме да дадеме шанса на оваа Влада да направи евентуално уставни промени и ако останеме во опозиција. Тоа не ни пречи повторно да ги изгласаме уставните промени. Нормално, ние повторно ќе инсистираме, без разлика дали сме опозиција или власт, на одредени барања кои што се во нашата агенда како приоритети“, рече тој.

Околу последните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон Алијансата за Албанците, Таравари истакна дека со вакви настапи, кај обичниот граѓанин се создава страшна поларизација меѓу различните народи кои што живеат во земјава.

„Мене ми е жал што го гледам ВМРО-ДПМНЕ во вакво светло. Ме потсетува на 2014-2015 година, за жал. Во 2020 година, Конрад Аденауер не седна заедно. Јас се уште сакам да го памтам тоа ВМРО-ДПМНЕ што викаше дека не им пречи 20 отсто, дека изразуваат жалење за 27 април. Со ваква поларизација и со вакви настапи, кај обичниот граѓанин создаваат страшна поларизација меѓу различните народи кои што живеат во Македонија и навистина не би сакал ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со вакво појавување, оти знам дека се натпреварува со Левица за тоа кој ќе има повеќе од тоа гласачко тело која што многу националистичко македонско, меѓутоа од друга страна имиџот на партијата веќе се враќа ретроградно. Не би сакал да го видам ВМРО-ДПМНЕ вака како што ги гледам последните две-три недели“, рече Таравари, додавајќи дека треба да се работи континуирано со граѓаните за да се уверат дека сме на прав пат, натаму каде што сакаат повеќето од нив.

Извор: Слободен печат

Слични Објави