|

Таравари за Ахмети: Му посакувам убаво и мирно опозиционерство, се надевам дека ќе расчисти некои кадри кои му се веќе кородирани

Министерот за здравство Арбен Таравари одговори на вчерашните обвинувања од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека ВЛЕН станале слуги на ВМРО-ДПМНЕ поради апетит за власт. Му посака здравје и конструктивност како опозиционер.

„Јас би кажал дека господинот Ахмети е возрасен човек, за мене и сериозен човек, кој 22-23 години е на власт, сега му треба малку одмор. Јас му посакувам здравје пред се, а после тоа и конструктивност како опозиционер. Се надевам дека овој период ќе се обиде да ја консолидира партијата, да расчисти одредени кадри кои му се веќе кородирани. 22 години да бидеш на власт со исти луѓе кои се вртат од една институција во друга е сосема доволно. Првиот тест ќе го имаме 2025 година, тука се локалните избори така да нема што друго да кажам, освен да му посакам убаво и мирно опозиционерство“, рече министерот Таравари.

Ахмети вчера во Тетово го свика генералниот совет на партијата за да издадат директиви по кои ќе се постапува по изборите од 8 мај. Најави дека ќе го демонстрираат незадоволството и револтот и дека изборот на Христијан Мицкоски кој не коалицираше со победникот во албанскиот блок не е ниту праведен, ниту добар, ниту продуцира етничка стабилност во државата. Зборувајќи за ВЛЕН рече дека не знае што точно се случило во опозицискиот кампус бидејќи тие никогаш и не биле опозиција туку 22 години биле во власта.

„ Што ги натера да ја направат оваа грешка треба тие да кажат. Апетитот за власт, за комоција, или нешто друго“, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ вчера не кажа на кој начин ќе го искажат незадоволството и револтот.



Слични Објави